Теодора Симовиќ (37:56 минути) од Србија и Дарио Ивановски од Македонија (31:55) се победници на десеткилометарската Градска трка што денеска се одржа низ улиците на централното градското порачје на Охрид.
Најдобри на покусата Рекреативна трка на пет километри беа Елена Даниловска (24:17) и Кристијан Стојани (18:33), двајцата од Македонија.
Победата во Тим-билдинг трката на десет километри кај жените ја однесе екипата „НРЦ, најк ран” клубот во состав Билјана Андреева, Бојана Наумовска, Маја Грнчароска и Ирина Батковска- Борозанова со заедничко постигнато време од 3:20:01 часа. Во машка конуренција најдобра беше екипата „Делта” составена од Дарио Ивановски, Атанас Анчевски, Игор Јакимовски и Пепи Анакиев кои заедно десетте километри ги истрчаа за 2:23:51 часа.
Повеќе од 1.500 маратонци, атлетичари, спортисти, рекреативци, деца беа дел од спортско-рекреативната манифестација „Охрид трчаТ” и трките што денеска се трчаа низ улиците на Охрид. Дождливото време не ги поколеба да излезат и да го дадат својот максимум, и преку своето активно учество да придонесат во промоцијата на спортските активности и рекреацијата како здрави животни навики.