Кремљ: Позициите на терористите во Идлиб мора да бидат неутрализирани

Рускиот претседателски портпарол, Дмитриј Песков, објасни дека се преземаат неопходни мерки за неутрализирање на терористите што бомбардираа од Идлиб, пренесува ТАСС.

„Очигледно е дека бомбардирањата од страна на терористите од Идлиб се неприфатливи и се преземаат мерки за неутрализирање на нивните позиции“, изјави Песков.

На овој начин тој одговори на повикот на американскиот претседател Доналд Трамп, Русија да престане со бомбардирањето на терористите што го држат Идлиб.

Песков потсети дека во Идлиб остана висока концентрација на терористи и милитанти што напаѓаат цивилни објекти и вршат агресивни операции против руските воени објекти.

„Оваа ситуација е неприфатлива. Русија ја одржува соработката со Турција, која е одговорна за спречување на таквите напади од Идлиб“, рече Песков.

Тој потсети на договорите од Сочи што се спроведуваат.

Тензиите во сириски Идлиб се разгореа на почетокот на мај. Почнувајќи од 21 мај, милитантите спроведуваат секојдневни напади врз позициите на владините сили. Најжестоките судири се случија во областа Каф Набуд. Исто така, терористите редовно ја напаѓаат руската воздухопловна база „Хмеимим“. Сите овие напади биле успешно отфрлени од единиците на воздушната одбрана.

Претходно, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека воздушните сили на Русија изведуваат напади исклучиво против цели што се потврдени со извидување.

Треба да знаете
Последни објави