Ќе се стимулираат значајни унапредувања на пазарот на платежни услуги во земјава

Законот за платежните услуги и платните системи што заеднички го изработуваат Министерството за финансии и Народната банка ќе овозможи либерализација на пазарот на платежни услуги и влез на небанкарски институции како што се платежните институции и институциите за електронски пари. Тоа го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во денешното обраќање пред учесниците на Конференцијата за плаќањата и пазарната инфраструктура што се одржува во Охрид.

– Законот ќе биде значаен чекор кон менување на платежниот пејзаж. Бизнис заедницата, особено финтек-компаниите се оние кои треба да воведат нови, иновативни начини на плаќање – лесно достапни и со помали трошоци. Со либерализацијата на пазарот ќе се зголеми и конкуренцијата со што ќе се стимулираат банките и другите финансиски институции да бидат поактивни во примената на технолошките иновации во финансискиот сектор, рече Тевдовски.

Тој уште нагласи дека за привлекување на компаниите, пред сѐ оние од ИКТ индустријата, предвидено е платежните институции што ќе бидат ангажирани со ограничен вид и обем на активности да се основаат со капитал од 1,3 милиони денари, наместо досега предвидените 7,8 милиони денари.

Во однос на пазарната инфраструктура, во делот на пристап до капитал, министерот за финансии истакна дека се создадени услови за примена на крауфандинг во земјава што, како што нагласи, е од особено значење за стартап-компаниите.

Како што нагласи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, придобивките од новините во информатичката технологија се неопходни за економскиот развој.

– Мора да бидеме подготвени за предизвиците коишто ги носи брзиот технолошки развој, како и за прифаќање на промените коишто се случуваат на глобално ниво. Процесот на дигиталната трансформација е долг и не е едноставен, но во изминативе години направивме значајни чекори за создавање предуслови за забрзување на овој процес и кај нас. И тоа не само предуслови од технички карактер, туку и правни основи, особено во доменот на финансиската инфраструктура. Со цел да се унапреди развојот на економијата, работиме и на воспоставување цврста дигитална инфраструктура со еднаков пристап за јавните и приватните институции, компаниите и граѓаните и нашата регулатива ја усогласуваме со регулативата на Европската Унија. Веќе имаме цврста рамка за отворен и сигурен дигитален простор, рече Манчевски.

Тој посочи дека усогласувањето на домашното со европското законодавство од оваа област е првиот поголем чекор во процесот, со што се обезбедува сигурното извршување на дигиталните активности.

Манчевски се осврна и на постигнатиот напредок со дигиталната идентификација кај нас и со сигурноста на дигиталните услуги на јавните институции, како и со воспоставената платформа за сигурна размена на податоци меѓу јавните институции, како основа за дигитализација на процесите во земјава.

На годинешното 12-то издание на Конференцијата за плаќања и пазарната инфраструктура учествуваат претставници на 14 централни банки на држави од регионот, како и на европските и меѓународни финансиски институции. Собирот во Охрид има цел да направи увид во најновите движења во платниот промет, новините во регулативата во сегментот, со дискусии за повеќе клучни прашања поврзани со промените во правната рамка за платежната сфера во Европската Унија, најновите платежни решенија управувани од финтек-компаниите, отвореното банкарство, развојот на инстант плаќањата, дигиталните валути и крипто-средствата.

Во рамки на конференциските активности беше одржана и панел-дискусија на која истакнати експерти од банкарскиот сектор и секторот финтек говореа за светот на отвореното банкарство и за финтек во иновациите на плаќањата. Изнесените гледишта ќе бидат од корист за натамошното согледување на дел од предизвиците со коишто се соочува и централнобанкарската заедница.

Треба да знаете
Последни објави