СДСМ: Советниците на премиерот работат на реализацијата на програмските определби

Сите ангажирани советници на премиерот се ставени во функција на реализација на програмските определби што се во интерес на граѓаните и ја движат државата напред кон целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Ваква е реакцијата на СДСМ по прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој побара од премиерот Зоран Заев да одовори дали е вистина дека неговиот советник за градежништво бил кривично гонет.

Од СДСМ велат дека опозицијата се уште не може да се помири со Извештајот од Европската Комисија и безусловната препорака за почеток на преговорите со ЕУ, па затоа се служи со лаги. Владејачката партија коментира дека земјата станала светол пример за две години, за разлика од периодот кога актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му бил советник на Никола Груевски.

СДСМ понатаму оценува дека погубните совети на Мицкоски ја чинеле државата над два милиони денари.

„Додека Мицкоски го советуваше Груевски за енергетика, беше укината евтината дневна тарифа на струјата, цената на електричната енергија поскапе за 100 отсто, а државата беше целосно зависна од увоз на скапа електрична енергија. Како награда за тоа што го урниса енергетскиот систем, од Владата на Груевски, Мицкоски добива и државно земјиште за неговиот бизнис со хидроцентрали. Додека државата беше заглавена во калта, презадолжена, изолирана, а граѓаните тонеа во сиромаштија Мицкоски си тераше бизниси и мислеше на хидроцентралите.

Граѓаните, се уште ги чувствуваат последиците од советите на Мицкоски, еден од над 90 советници на Никола Груевски.

За разлика од времето кога бројот, имињата и надоместоците на советниците на Никола Груевски и Емил Димитриев беа криени од граѓаните, денес јавноста е целосно запознаена со сите информации за советниците во кабинетот на премиерот Зоран Заев“, велат од СДСМ во реакцијата.

Треба да знаете
Последни објави