На покана од претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Француската Република – Commission de régulation de l’énergie (CRE), Жан-Франсоа Каренко, делегација на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (Регулаторна комисија за енергетика) предводена од претседателот Марко Бислимоски, на 3 и 4 јуни 2019 година престојуваше во работна посета на CRE во Париз.
Посетата беше искористена за размена на информации и искуства во однос на функционирањето на пазарите на мало и големо со електрична енергија и природен гас, предизвиците со кои се соочуваат електроенергетските системи во Југоисточна Европа споредено со земјите од ЕУ, како и согледување на потенцијални теми и области за понатамошна соработка во доменот на регулација на пазарите на енергија.
Во однос на пазарите на мало особено беа разгледани корелациите помеѓу регулираниот и слободниот сегмент на пазарите, структурата на тарифите, употребата на паметни броила, достапност на алатки за споредба на цени, како и пристапот и активностите за мониторинг на пазарите на мало, со особен фокус на индикаторите кои се користат за анализа на функционалноста на пазарите, софтверски алатки за обработка на податоци, како и во однос на детектирање тактики и активности за злоупотреба на доминантни пазарни позиции, пазарни манипулации и нелојална конкуренција, и превземање соодветни активности за нивно надминување и/или санкционирање.
Кај пазарите на големо со електрична енергија и природен гас беше разгледана нивната функционалност и клучни карактеристики, како и пристапот на мониторинг во контекст на имплементација на РЕМИТ регулативата од страна на CRE и процедурите за размена на податоци и соработка со Агенцијата за соработка на енергетските регулатори ACER.
На крај од работната посета беше заклучено дека соработката помеѓу двете регулаторни тела има потенцијали за продлабочување и во следниот период ќе се организира возвратна посета од CRE на Регулаторната комисија за енергетика со цел да се дефинираат конкретни активности кои заеднички би можеле да се реализираат во иднина.