Вработените од „Еурокомпозит“ кои останаа без работа на средба со Сугарески

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, како претставник на Владата, денеска се сретна со претставници на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство и претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата „Еурокомпозит 11 Октомври“ од Прилеп.

Од Владата информираат дека премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, во моментот се на службено патување во Брисел, каде присуствуваат на форум во организација на ЕБОР и поради тоа не биле во можност да се сретнат со нив.

„На оваа средба е предложено во понеделник, 10 јуни, да се одржи состанок во поширок состав, на којшто освен претставници на Владата, ќе присуствуваат и директорот и останатите раководни органи во ‘Еурокомпозит 11 Октомври’, претставници на здружението на лицата на коишто им престанал работниот однос во фабриката, претставници на синдикатот на вработените во компанијата, како и претставници од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство на кој би се разгледале сите барања од сите засегнати страни, ќе се утврдат приоритети и ќе се пристапи на креирање на динамички план за реструктуирање на оваа компанија во државна сопственост“, соопштија од Владата.

Од прилепски „Еурокомпозит“ за технолошки вишок се прогласени 154 работници кои очекуваат исплата на отпремнини по околу 100.000 денари, а на работа во фирмата се 60-ина работници. Сите заедно бараат и исплата на заостанатите плати и придонесите за шест и пол години.

Треба да знаете
Последни објави