Верзија на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН во формат пристапен за слепите лица беше промовирана денеска во Скопје, како можност лицата со попреченост да можат да бидат подобро информирани за своите права и да се борат за нивно остварување. Конвенцијата ја има и во аудио верзија пристапна за глуви и наглуви лица.
-Конвенцијата во аудио запис и на брајово писмо дава можност за информирани и свесни граѓани, бидејќи само такви можат да ги бараат своите права. Затоа сметам дека ова е голем исчекор во остварување на правата на лицата со попреченост, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Дополнително, потсети таа, дека како Министерство и Влада дополнително работат на подобрување и на стандартот и на квалитетот на живеење на лицата со попреченост и притоа посочи дека за 15 отсто е покачен посебниот додаток, дека е воведен траен надоместок за родители кои се грижеле за дете со попреченост до негова 26 година, како и оти се воведени персонална асистенција, нега во домашни услови…
Царовска додаде дека трите закони од социјалната реформа се целосно усогласени со Конвенција, но, рече, дополнително и сите други сектори како образованието и здравство, паралелно работат на усогласување на стратегијата.
Претседавачот на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост Спасе Додевски рече дека кај лицата со попреченост расте потребата за промоција и формирање нови формати на оваа Конвенција, како најважен документ за остварување на правата на оваа група граѓани.
Со растење на свеста на лицата со попреченост за нивните права, што се овозможува со добра информираност и пристапни информации, тие ќе бидат подготвени да се борат со нив, а државата да работи на нивно исполнивање.
И од организациите и здруженијата на лицата со попреченост сметаат дека тие мора да бидат информирани, да ги знаат своите права за да можат да се борат за нив. Според нив, на подобрувањето на животот и стандардот на лицата со попреченост мора се уште да се работи, а државата треба само да ги следи насоките од оваа Конвенција и да преземе мерки и активности за тоа да го реализира.
Во земјава нема точна бројка колкав е бројот на лицата со попреченост. Организациите располагаат со број на свои членови, МТСП со број на корисници на одредени права. Министерката Царовска верува дека таа може да се добие по реализација на пописот на население бидејќи последниот попис е од 2002 година. Според проценките на СЗО во светот постојат од 10 до 15 отсто лица со попреченост и се претпоставува дека тоа е просекот и во секоја земја поединечно