Поедноставување на постапките во неформалниот систем на образование преку швајцарски искуства

Поедноставување на ригидните и долготрајни законски процедури и регулативи кои постојат во неформалниот систем на образование во државата во делот на акредитирањето на програмите за возрасни во насока на поголема флексибилност на образованието кон пазарно ориентирани квалификации и вештини, предвидува  меморандумот за соработка  што денеска беше потпишан меѓу Стопанската комора на Македонија, како социјален партнер во образованието, Центарот за образование на возрасни и Швајцарската Федерација за образование на возрасни.

За да се постигнат квалитетни и долгорочно одржливи решенија на тоа поле, од кои ќе имаат корист сите во државата, а особено реалниот сектор, ќе се користат искуствата на Швајцарската Федерација за образование на возрасни.

-Заедничката соработка на трите институции преку конкретни решенија ќе овозможи скратување на постапката за верификација на програмите и акредитација на институциите што нудат неформално образование за преквалификација и доквалификација на поединците за понудените занимања. На овој начин сакаме да покажеме дека мора да работиме  на потребата образованието да го направиме поефикасно и на краток рок да испорачува оспособена работна сила, рече Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија на денешната прес-конференција пред потпишувањето на меморандумот.

Таа посочи дека од 2012 година, кога почна концептот на акредитирање на програми за образование на возрасни, до денеска се верификувани 411 програми за квалификации и 150 понудувачи на образовни услуги.

Претставникот на Швајцарската амбасада во Скопје, Стефан Томаген  посочи дека развојот на технологијата ги принуди работодавачите да бараат подобро обучени и прилагодливи работници на барањата на пазарот на трудот и додаде дека еден од приоритетите на помошта што ја нуди Швајцарија во земјава е областа на образованието и економскиот развој.

-Парадокс е работодавачите да бараат обучени работници, а во исто време да има голема невработеност. Токму затоа Швајцарија одлучи да го поддржи овој проект за намалување на невработеноста и обезбедување обучена работна сила за работодавачите. Неговата цел е образовните институции побрзо да реагираат на барањата на пазарот за обученоста на работната сила, рече Томаген.

Андре Шлафли од Швајцарската Федерација за образование на возрасни порача дека нивата цел е промовирање на неформалното образование и зголемување на знаењето и вештините на младите и возрасните во одржливо вработување и додаде дека државата мора да даде големо значење на неформалното образование ако сака да ја развие економијата.

-Модерното време бара флексибилни луѓе кои се способни да учат. Токму неформалното образование е континуирано образование кое може да се применува во секое време, односно во слободно време, на работно место и на курсеви. Затоа треба да се помогнат претприемачите за да го подобрат образованието на возрасните во нивната фирма, рече Шлафли.

Тој посочи дека е неопходно да се подобрат комплицираните и долги процеси на акредитација на Центарот за образование на возрасни и среднорочно да се заменат со систем за осигурување на квалитет кој, потенцира, прави разлика меѓу разгледување на давателот на услуги и понудата.

-Од суштинска важност е бизнисот да биде вклучен во разгледувањето на понудата, односно економските сектори мора да дефинираат барања и обврски за таквите понуди. Анализа на постојните понуди за обучувачи за развој на сертификати е благодет за земјава, а сорботката меѓу сите вклучени фактори мора да се зајакне, рече Шлафли.

Директорката на Центарот за образование на возрасни, Линдита Ќазими посочи дека Центарот постои од 2009 година и негова цел е да промовира модерен и функционален систем согласно европските стандарди и да овозможи квалификации согласно потребите на пазарот на трудот за личен, економски и општ развој на населението.

-Со потпишувањето на овој меморандум ќе имаме можност да ја продлабочиме соработката со неговите потписници, да го промовираме неформалното образование и доживотното учење и да овозможиме квалитетно неформално образование, како и да ја продлабочиме соработката со приватниот сектор и да создадеме нови квалификации и вештини согласно потребите на пазарот на труд, рече Ќазими

Треба да знаете
Последни објави