Нов закон за практикантска работа со поддршка на УСАИД

Новиот Закон за практиканство кој е официјално усвоен ќе овозможи ангажирање на практиканти надвор од образовниот процес. Со тоа кандидатите ќе може да се стекнат со нови конкретни вештини, квалификации и знаења во процесот на градење на кариера. Компаниите од приватниот сектор, пак ќе добијат можност да ангажираат практиканти на определено време со што ќе имаат повеќе опции за пополнување на одредени работни позиции кои се од таква природа. Исто така во овој процес кандидатите кои се на пракса по завршување на определениот рок ќе претставуваат нов потенцијал за вработувања во компаниите.

Во изработката на предлог законското решение учествуваше и Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива во кој се вклучени четирите најактивни стопански комори, а како партнер имплементатор е и консултантската куќа ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Со вложениот труд во процесот на носење на регулативата, како и со повеќе инфо-сесии и форуми поврзани со работните односи и работната сила во Северна Македонија, постигнато е одлично решение кое е одраз како на барањата на приватниот сектор, така и на стратешките определби на надлежните институции.

„За нас ова е голем успех и одличен пример за успешна соработка меѓу институциите и бизнис заедницата. Сакам да искажам благодарност до Министерството за труд и социјална политика и подготвеноста да се слушнат барањата на бизнис заедницата. Министерството им даде голема доверба на стопанските комори кои преку Проектот учествуваа во изработка на работната верзија на овој закон. Верувам дека Законот за практиканство ќе даде позитивен импулс во економијата”, вели Љупчо Димовски од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал, директор на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Законот дефинира дека практикант да може да биде невработено лице на возраст до 34 години, а потребата од практикант работодавачите ќе ја изразуваат со објавување на јавен оглас кој треба да содржи информации за условите за практикантство. Законот дефинира минимален период на практикантство од еден месец и максимален од 6 месеци, како и правило еден практикант да може да врши практикантска  работа само еднаш кај ист работодавач.

Уште еден лимит дефиниран со Законот е максималниот број на практиканти кај работодавачите, и тоа во зависност од бројот на вработените на неопределено работно  време кај работодавачот во претходните три месеци пред ангажирање на практикантот. Законот предвидува обврска за плаќање на надоместок за време на практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот, и тоа во висина од 42% до 74% од минималната нето-плата во земјава исплатена во претходната година. Ова се однесува на практикантство до 3 месеци, додека за практикантската работа подолга од три месеци месечниот надоместок кој работодавачот треба да му го исплати на практикантот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена со закон.

Целата практикантска работа мора да биде поткрепена и регулирана со Договор за практикантство со кој се уредуваат односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот. Законот забранува склучување на договор за практикантство за замена на постојно работно место, а за време на практикантската работа практикантот не ги губи правата по основ на невработеност и правата од областа на социјалната заштита утврдени и стекнати во согласност со закон. Работодавачот има обврска секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување.

Треба да знаете
Последни објави