Премиерот Зоран Заев, веднаш по форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики се одржа во Брисел, заедно со заменик-директорот на ЕБОР за политики и партнерство, Пјер Ејлброн, одржа прес-конференција на која ги пренесе своите впечатоци од форумот и одговори на прашања од интерес на новинарите.
Заев пред новинарите во Брисел уште еднаш истакна дека, по позитивниот извештај на Европската комисија во Брисел, она што се очекува е исполнување на ветувањето на Европскиот совет од минатата година кога беше речено дека со исполнувањето на условите и завршницата на реформите во правосудството, безбедносните служби, во јавната администрација и во борбата против корупцијата, ќе следува почетокот на преговорите по поглавјата во јуни оваа година.
Европската комисија ја повтори безусловната препорака како резултат на исполнетите услови и Северна Македонија сега очекува и Европскиот совет да ја прифати препораката, истакна премиерот Заев и додаде дека извештаите за напредокот на другите земји од регионот не треба да влијае на одлуката за нашата земја и дека секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок што го остварува земјата, кој е силно поддржан од Европската банка за обнова и развој.
„За време на овој процес на европските интеграции се случија многу позитивни работи во економијата. Тоа потврди дека Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции, за намалување на невработеноста, за раст на продуктивноста и за индустрискиот раст. Европската комисија тоа го препозна и во висината на странските инвестиции од 625 милиони евра во 2018 година. Тоа е трипати повеќе од просекот од последните осум години. Во последниот квартал на 2018 година БДП порасна на 3,7 отсто, за првиот квартал за оваа година, и тоа ќе биде овие денови објавено, очекуваме раст поголем од 4 отсто, а мандатот на оваа Влада го почнавме со негатива од 1,8 отсто. Имавме рецесија, политичка криза, но многу работи се променија. Ја намаливме невработеноста од 27 отсто на 19,4 отсто. Просечната плата порасна 6,1 отсто. Индустриското производство порасна 88 отсто. Тоа се навистина убави параметри што ја потврдија силата на мотивацијата од Европа присутна во Северна Македонија. Од договорот со Грција остваривме пораст на меѓусебната трговија од 20,5 отсто. Повеќе компании од Грција почнаа со постапки за инвестирање во РСМ. Трговијата со Бугарија порасна 15 отсто. Балканот е многу променет“, нагласи премиерот Заев и додаде дека, освен признанијата за него и за премиерите Ципрас и Борисов, сега треба да дојдат и признанијата за народот во Северна Македонија со одлука за почеток на преговорите по поглавјата за европска интеграција на земјата.
Заменик-директорот на ЕБОР за политики и партнерство, Пјер Ејлброн, на форумот истакна дека Европската банка за обнова и развој е многу значаен партнер на Владата во насока на реализација на економските политики за зголемување на конкурентноста на Република Северна Македонија, но и на регионот генерално и дека земјите од Балканскиот Полуостров се мали земји и доколку сакаат да се развиваат со побрза динамика, потребно е да се отворат кон соседите и да ја зголемуваат меѓусебната соработка, а на тој начин да ја зголемуваат и соработката со земјите членки на Европската Унија.



