Во понеделник првиот јавен повик за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште

Во понеделник ќе биде објавен првиот повик за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште, со инсталирана моќност од 35 мега вати. За изградба се предвидени две локации, Свети Николе – за вкупно 25 мега вати и Македонски Брод – за 10 мегавати. Државата ќе ја обезбеди целата инфраструктура и ќе ги заокружи сите потребни административни постапки. На компаниите останува да изготват само основен проект и еколошки елаборат.

Како што соопшти денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев, единствен критериум за избор ќе биде премиумот што го бара компанијата. Постапката ќе биде јавна и максимално транспарентна, преку електронска аукција, со поддавање – намалување на премијата.

Анѓушев очекува договорите со инвеститорите да бидат потпишани во почетокот на септември со оглед дека тендерот ќе трае 60 дена, а првите количини електрична енергија да протечат следната пролет.

Според вицепремиерот, со ЕВН е постигната добра цена за приклучоците, околу 20.000 до 30.000 евра по инсталиран мегават. Интересот, пак, кај вложувачите, и домашни и странски, е голем. Ограничување за набавката на опремата нема.

-Инвеститорите ќе го знаат својот трошок однапред, ќе можат многу прецизно да проценат колку ќе чини нивната инвестиција. Нивниот ризик со ваквиот пристап го намалуваме на минимум. Очекувам голема конкуренција. Во однос на премиумот, не би бил толку храбар да кажам која цена ќе достигне, но очекувам да биде колку што е можно помала зашто тоа ќе биде во интерес на државата. Праксата покажува дека дадени случаи таа цена може да достигне и нула премум. Но, ќе оставам тоа да го кажат процесот и тендерската постапка. Она што со сигурност можам да кажам е дека направивме се како држава и Влада да ја намалиме вредноста на инвестицијата за инвеститорот и да му дадеме што  е можно поголема правна и техничка сигурност, потенцира Анѓушев.

За струјата, дополни, ќе биде номиниран и откупувач, зашто не сите компании се дел од трговијата со електрична енергија.

-Отворивме ново поглавје во енергетскиот сектор. Ги реализираме сите проекти од новото законско решение. Овозможуваме мултимилионски инвестиции, користење на ресурсите (сонце и воздух), како и сигурност во производството на елктрична енергија, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши.

Претставничката на ЕБОР, Анка Јана Јонеску, ги охрабри сите заинтересирани инвеститори да учествуваат на тендерот, напоменувајќи дека постапката ќе биде максимално транспарентна.

За неколку недели, најави Анѓушев, ќе биде објавен и повик за тендер за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште што го одредиле компаниите, а кое е или во нивно сопственост или закупено. Но, во овој случај, за административните постапки ќе мора да се погрижат сами.

Државата предвидува да определи површини за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана снага до 200 мега вати.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со најавената реконструкција на Владата, Анѓушев упати тоа да му биде поставено на премиерот Зоран Заев. – Реконструкцијата на Владата е прашање во комптенеции и ингеренции на премиерот, посочи Анѓушев. 

Треба да знаете
Последни објави