Претседателот на Комисијата за евопски прашања, Артан Груби до колегите во ЕУ испрати писмо во кое од името на пратениците и членовите на Комисијата побара шанса за почеток на преговорите со Унијата.
Во писмото Груби вели дека нашата определба за ЕУ членство е недвосмислена, надпартиска и потврдена од овој состав на Собранието, со едногласно донесување на Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за членство во Европската унија, од страна на сите политички партии.
Тој во писмото споменува дека Македонија од 2009 година добива препораки за почеток на преговорите, а истотака се осврнува и на договорот со Грција за промената на уставното име и договорот за добрососедство со Бугарија, со што, како што вели Груби, ги потврдивме нашите заложби за негување на добрососедските односи со сите наши соседи, што е предуслов за просперитет и развој.
Покрај тоа, додава Груби во писмото, земјата посветено работеше на реформските задачи во: судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, а кои ни беа посочени на ланскиот Советот на ЕУ, како клучни за добивање на датум.
„На крај, дозволете ми да завршам со апел и молба до Вас, Вашиот парламент и Вашата Влада, да ни дадете поддршка за нашиот Европски сон, со потврдување на препораката за добивање на датум за почеток на преговорите на Советот во јуни, затоа што нашите граѓани, нашата земја тоа го заслужуваат. Сите ние, нашето општество, очекуваме позитивна одлука на Советот во јуни, како признание за нашите заеднички напори. Датумот за нас, ни ја отвара вратата од училницата, каде што ќе треба постојано да учиме и да ги положиме 35-те испити за на крај да дипломираме. Вие пријателски нѐ охрабрувавте да покажеме лидерство и да ги решиме сите наши прашања, како што и впрочем направивме, а сега, исто така, ние пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа“, пишува Груби во писмото.



