Бегалецот Никола Груевски во петокот имал средба со функционер на Министерството за надворешни работи на Унгарија.
Според Министерството, не било чудно унгарското МНР да биде во контакт со личност во Унгарија, која во својата земја долго време била премиер.
Унгарскиот портал „444“ го утврди идентитетот на лицата кои го придружуваа Груевски и откри дека поранешниот премиер во петокот се сретнал со заменикот државен секретар во унгарското МНР Иштван Јо во стан, кој, според катастарот, е во сопственост на двајца кинески државјани.
Станот, кој вообичаено се издава на гости преку „Ер-Би-Ен-Би“, е веднаш до редакцијата на порталот „444“, чии новинари го чекаа Груевски да заврши со средбата, по што му поставуваа прашања, но тој упорно повторуваше дека нема да даде изјава.
Според изворите на „444“, станот во кој бил Груевски е во сопственост на унгарските безбедносни служби и се користи за тајни средби, но во случајот со Груевски некој направил голем превид, бидејќи заборавил дека се наоѓа веднаш до канцелариите на новинарска редакција.