Португалија е првиот освојувач на Лигата на нациите откако вечерва во финалето од сегментот А ја совлада Холандија со 1:0. Завршниот турнир на новото натпреварување на УЕФА се одржа во Португалија, а домаќинот го искористи тоа и со две победи стигна до трофејот и до наградата од 6 милиони евра.
Во полуфиналето ја елиминираа Швајцарија, а вечерва со голот на Гонзало Гуедеш во 60. минута ја победија Холандија. Тоа беше убава акција по која Бернардо Силва го пронајде Гуедеш, а овој со шут од шеснаесет метри го совлада голманот Силесен. Холандија дури откако го прими голот тргна да го напаѓа голот на противникот. Но Португалците умешно ги прекинуваа сите напади на противникот. Всушност тие тешко губат пред своја публика, а воедно ја продолжија серијата без пораз од Холанѓаните на домашен терен.
Инаку третото место на овој турнир го освои Англија која беше подобра од Швајцарија по подобро изведување на пеналите.