Претседателството на владејачката Социјалистичка партија на седницата одржана по обраќањето на претседателот Илир Мета, донесе одлука за започнување постапка за негово разрешување.
Владината портпаролка и министерска за соработка со Парламентот, Елиса Спиропали соопшти дека постапката ја почнуваат в четврток во законодавниот дом.
-Претседателството на Социјалистичката партија дискутираше за бруталниот акт на Илир Мета над парламентарна Република Албанија. Претседателството одлучи в четврток да одржи парламентарна дебата, излагајќи ги аргументите за тоа како Илир Мета ја нападна Републиката и измисли институција што не постои во ниту една држава во светот, која се нарекува поништена уредба. На крајот, тоа ќе премине во надлежност на Централната изборна комисија да го разгледа од правна гледна точка. Илир Мета го изгуби правото да остане во таа канцеларија. В четвртокот ќе ја започнеме постапката за отповикување на Илир Мета од претседател. Нашата должност е да го заштитиме Уставот, рече Спиропали.
Одлуката на партиското претседателство е очекувана имајќи ја предвид вчерашната изјава на премиерот и лидер на партијата Еди Рама од градот Бурел каде присуствуваше на изборен митинг со која најави заминување на претседателот Илир Мета, велејќи дека „сам си ја напишал судбина и оти го изгубил правото да остане на таа функција”.
Претседателот Мета пак на вонредното обраќање утрово во 8:00 часот ги образложи причините за донесената одлука за поништување на декретот за датумот на одржување на локалните избори и посочи дека „без датум кој ќе го одреди Претседателот, нема избори”.
Тој додаде дека на овој чекор се одлучил со цел спречување на ескалација на граѓански конфликт и поттик за дијалог.