Првата генерација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје ги фрли капите

Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје на свечена церемонија го одбележа завршувањето на првата генерација. На студентите од 2016 – 2019 им беа доделени дипломите и тие ја имаа можноста да ги слушнат обраќањата на ректорот на УМТ Азиз Положани, претседателот на Собранието Талат Џафери, заменик претседател на Владата, Бујар Османи, и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

„Нашата мисија е да креираме свежа подлога за развојот на нашата заедница. Многу млади се движат во погрешна насока, не поради тоа што тоа го сакаат, туку поради тоа што многу врати им се затворени. Нашата иднина, иднината на нашите деца, на нашите внуци зависи од тоа што ние ќе го направиме денес.“, истакна Азис Положани, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој додаде дека Факултетот за градежништво и архитектура, факултетот за информатички науки, факултетот за технички науки, факултетот за технолошки науки и факултетот за социјални науки се нешто повеќе. Според него, професорите и студентите таму не учат само за тоа како да програмираат, како да градат, како да произведуваат, туку и за тоа како да живеат.

„Продолжете да се школувате во текот на целиот живот, бидејќи образованието не е процес кој трае 3 или 5 години. Образованието е континуиран процес, и зависи од природата на индивидуата да биде љубопитен и секогаш да се натпреварува со себеси, и да се потруди да се надмине себеси. Оваа е мојата порака за вас денес, бидејќи вие денес почнувате нова ера во вашиот живот и кога ќе се вработите, кога и каде и да се вработите, да можете да се надминете себеси.“, им порача Талат Џафери, Претседателот на Собранието на РСМ, на студентите.

„Буквално денес, додека вие ги примате вашите дипломи, вашите колеги од шесте државни универзитети, меѓу кои и двајца колеги од вашиот универзитет ја завршуваат студиската посета на Брисел, каде имаа работна посета на институциите на Европската Унија, и каде лично се запознаа со начините на кои работат европските институции – Европскиот Парламент, Европскиот совет, Европската комисија и Директоратите во рамките на Комисијата, институции кои во процесот на европско интегрирање ќе станат и наши институции. Она што нив им го кажав во Брисел, сакам да ви го пренесам и вам. Останува предизвикот, преку инвестирање во нашето знаење, инвестирање во сопствената надградба, но и преку трансформација на институциите, државата, и сите сегменти од општеството, оваа наша аспирација да ја преточиме и во суштинска промена на нашето општество. Да го добиеме местото кое го заслужуваме и кое ни припаѓа, а тоа е да бидеме дел од Европската унија, затоа што ние сме дел од Европа.“, им посочи Бујар Османи, заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, на присутните и студентите.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, доби признание и благодарница од ректорот Положани за неговата лична поддршка и за работата на општината за унапредување на мисијата на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој пред присутните рече дека верува дека образованието, посебно високото, е од големо значење за напредокот на општеството и заедницата и дека затоа секогаш ќе биде на располагање на институции како Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Оваа беше специјален ден, не само за првите дипломци на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, туку и за останатите студенти, академскиот и административниот кадар кои макотрпно работат на своите студии, програми и за непреченото работење на универзитетот и неговите факултети. УМТ ги поставува темелите за изучување на технички и други науки на три јазици и тоа македонски, албански и англиски и затоа, првата генерација која некогаш дипломирала на универзитетот е од големо значење и претставува симбол за студентите кои ќе ја следат.

Бројката на студенти на факултетите за градежништво и архитектура, за информатички науки, за технички науки, за технолошки науки и за социјални науки од 2016-та кога се запишаа 218 студенти, качена е на 1500, што значи дека интересот полека и сигурно се зголемува креирајќи простор за зацврстување на целите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

 

Треба да знаете
Последни објави