Министерството за здравство ги повикува заинтересираните доктори на медицина со лиценца за работа во примарна здравствена заштита да се пријават на јавниот повик и да достават писмо за интерес до ресорното Министерството, најдоцна до 15 јуни 2019 година, со цел да се обезбеди можност за работа во траење од шест месеци.
– Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/19) докторите на медицина со лиценца за работа треба да поминат на работа шест месеци во примарна здравствена заштита во здравствен дом, како еден од условите за запишување на специјализација.Овој услов е задолжителен за сите здравствени работници со високо образование од областа на медицината – доктори на медицина кои со лиценца за работа се стекнале или ќе се стекнат по 22 мај 2019 година согласно Законот за дополнување на Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија” бр. 101/19). Заинтересираните доктори на медицина треба да имаат завршена пробна работа, положен стручен испит и лиценца за работа, соопштуват од Министерството за здравство.
Работата во траење од шест месеци, се наведува во соопштението, ќе се спроведува во јавните здравствени установи – здравствени домови и општи болници со проширена дејност што вршат дејности и на примарна здравствена заштита, во дејностите на итна медицинска помош и домашно лекување, превентивна здравствена заштита за предучилишни и училишни деца и поливалентна патронажа.
Од Министерството наведуваат дека со стекнување искуство и со добивање шанса за работа, докторите на медицина ќе добијат дополнителен стимул за професионална надградба во својата кариера.
– Со овие мерки, веруваме дека ќе ги задржиме нашите лекари да работат во јавното здравство, а не да заминуваат надвор од земјата. Посветено работиме да креираме фер општество за сите млади луѓе, се вели во соопштението.
– За пријавување на јавниот повик потребно е да се достави писмо за интерес, во кое е задолжително да се наведат: име и презиме, адреса на живеење, контакт-телефон и адреса на електронска пошта (мејл-адреса), копија од лиценцата за работа и да ја наведат јавната здравствена установа за која изразуваат интерес според местото на живеење на заинтересираниот кандидат, соопштуваат од Министерството за здравство.
Пријавата, заедно со документацијата да се достават во Министерството за здравство, на ул. „50-та Дивизија” бр.14, 1000 Скопје, најдоцна до 15 јуни 2019 година, со назнака: ЈАВЕН ПОВИК за изразување интерес за работа во примарна здравствена заштита во здравствен дом.