Меморандумот предвидува поддршка за изработка на експертска анализа и формирање работна група од институциите и граѓанското општество со цел да се креира што посеопфатна Стратегија за транспарентност во која се вклучени сите релевантни страни.
Стратегијата, како што наведуваат од фондацијата Отворено општество-Македонија, преку јавни дискусии ќе биде споделена за консултација со граѓанското општество, приватниот сектор и научно-образовните институции.
– Со креирањето на овој стратешки документ, правилата на комуникација на институциите со граѓаните и начелата на транспарентност ќе бидат операционализирани, велат од фондацијата Отворено општество-Македонија.
За нив, градењето на динамични и толерантни општества во кои властите се отчетни, а граѓаните активно ја контролираат и коригираат работата на власта и учествуваат во донесувањето одлуки, е императив.