– Наша заедничка определба е младите да ги задржиме и квалитетно да ги образуваме тука во нашата земја, порача премиерот Зоран Заев во поздравниот говор на Свечената церемонија на промовирањето на 250-те дипломираните студенти на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.
Тој изрази огромно задоволство што се промовираат 250 студенти-дипломци на додипломски и после-дипломски студии и што ја има честа да и ја врачи дипломата на првенката на генерацијата, Несифе Шабан студентка по психологија со просек 9.87.
-Ми причинува огромно задоволство да бидам дел од овој настан денеска, на кој промовираме 250 студенти-дипломци на додипломските и после-дипломските, односно, мастер студии на седум факултети и 15 студиски програми на Меѓународниот балкански универзитет, кој е високообразовна институција која е сериозен чинител во системот на високото образование и е мост на соработка помеѓу нашата држава, државите од Балканот и Република Турција, рече Заев.
Со одлуката да инвестира во нов универзитетски кампус овде во главниот град, со најсовремени услови за образование, наука и истражување, потенцира, Меѓународниот балкански универзитет докажа дека инвестирањето во Северна Македонија е паметен чекор, особено кога инвестицијата се однесува најдиректно на младите генерации како што се овие универзитетите.
-Како фондациски и непрофитабилен универзитет, Меѓународниот балкански универзитет во својата досегашна историја на дело ја има докажано својата општествена одговорност и грижа за младите генерации, со доделените преку 1.000 стипендии на најталентираните студенти. Овогодишната одлука на менаџментот на Универзитетот да додели целосни стипендии за најдобрите тројца матуранти од сите средни училишта во државата уште е во согласност со нашата заедничка определба, најдобрите и најталентираните млади да ги задржиме токму овде, да ги образуваме квалитетно и да креираме иднина за нив токму овде, во нашата земја и во нашиот регион, рече Заев.
Со ваквиот пристап кон младите, додаде, Меѓународниот балкански универзитет разви еден уникатен модел и систем на функционирање кој вреди да се следи и да се поддржи и е меѓународен универзитет во најсуштинската смисла на зборот, затоа што е академска средина во која се работи и студира само на англиски јазик, а академскиот кадар и студентите го сочинуваат луѓе од различни нации, вери и култури.
-Преку мрежата на мобилност Еразмус +, Меѓународниот балкански универзитет денес не само што им овозможува на нашите студенти да ја искусат Европа и да градат пријателства и мрежа на соработка со нивните европски врсници во текот на нивните студии, туку и да ги прими студентите од Европа овде, во Северна Македонија. Во насока на севкупниот, а особено економскиот развој, особено е важно универзитетите да одговорат на потребите на пазарот на труд и на инвеститорите со квалификуван и глобално компетитивен кадар. Во оваа насока, силно ја поддржуваме и ние како Влада соработката на Меѓународниот балканскиот универзитет со бизнис заедницата и со државните институции, и охрабрувам таа соработка да се продлабочи со нови партнерства кои ќе донесат успешни резултати за сите нас како општество, посочи Заев.
Ја поддржувам, нагласи, одлуката на Универзитетот за формирање и акредитирање на Факултет за медицински науки, согласно исполнувањето на неопходните стандарди.
-Тоа е навистина храбар исклучително важен и вистински чекор во високото образование, и заедно со моите искрени желби за натамошни успешни академски остварувања, ја поздравувам и оваа иницијатива со верба дека младите генерации кои се образуваат во овој универзитет утре ќе бидат новите лидери во нашата заедница. Нашата земја Република Северна Македонија и како земја и како пријател на студентите и на магистрантите ги отвара портите за ваше инволвирање во општеството, а топло упатувам препорака и до бизнис заедницата, фокусот кон овие генерации затоа што на нив е иднината и тие се нашите нови лидери, порача Заев.
На свечената церемонија на дипломираните студенти за академската 2018/2019 година во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет, се обратија и амбасадорката на Република Турција во Скопје, госпоѓа Тулин Еркал Кара, претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, Ајдован Адемоски и ректорот на Меѓународниот балкански универзитетот, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем.