Македонските фудбалери синоќа претрпеа нов пораз на националната арена „Тодор Проески“ – овој пат славеше Австрија со високи 1:4.
Иако Македонија поведе на натпреварот, гостите сепак не само што дојдоа до пресврт, туку на крајот остварија и убедлива победа и заслужено се враќаат дома со трите бода.
„Против Полска реков дека не заслуживме да загубиме, но сега не е така. Поразот е заслужен, Австрија беше подобра. Тие ја добија играта во дуелите и повеќе трчаа од нас. Не се спротиставивме како што треба и комплетно паднавме после примениот гол“, изјави селекторот Ангеловски и додаде:
„Шансите за пласман на Европското првенство не се загубени. Јас бев првиот кој побара највисок пласман, а сега сме на три бода од второто место и имаме шанса за пласман. Овие квалификации не се загубени“, изјави Ангеловски.