Самоа го забрани филмот за Сер Елтон Џон, „Рокетмен“ поради прикажувањето на сцени со геј секс. Според законите на Самоа, содомијата е нелегална и се казнува со најмногу седум години затвор.
Главниот цензор на земјата рече за локалните медиуми дека филмот не одговара со културните и христијанските верувања во Самоа.
Претходно, еден руски дистрибутер на филмот одлучи да ги скрати сексуалните сцени од филмот, одлука што беше критикувана од самиот Елтон Џон. Филмот ја раскажува приказната за патот до славата на музичарот и вклучува сцена со секс меѓу двајца мажи. Тој, исто така, вклучува и слики од Сер Елтон, неговиот сопруг и нивните деца.
Кинотеките на Аполо во главниот град на Самоа, Апија, на својата страница на Фејсбук напишаа: „За жал, поради проблеми со цензурата, моравме да го откажеме филмот „’Рокетмен’“.
Цензорот изјави дека филмот „не е добар за гледање и ги крши законите против истополови бракови“.
Филмови кои вклучуваат експлицитна сексуална активност, експлицитно сексуално насилство, промоција на дрога или прекршок за религии се предмет на забрана во земјата.
Околу 97% од населението на Самоа се христијани. Ова не е првпат земјата да забрани филм поради културни и христијански верувања.
Во 2009 година, цензорите го забранија филмот „Милк“, базиран врз животот на активистите за геј права и политичарот Харви Милк. Самоа, исто така, го забрани „Кодот на Да Винчи“ во 2006 година, тврдејќи дека филмот е во спротивност со религиозните верувања на земјата.