„Инклузија, не ексклузија” – изложба на 13. Скопје постер фестивал

Во Младинскиот културен центар на 17 јуни  ќе биде отворен 13. Скопје постер фестивал на кој ќе бидат претставени делата од 13-тиот конкурс за студентски плакат. Годинава тема на меѓународниот конкурс беше „Инклузија, не ексклузија” со цел да се подигне свеста за вклученост на најранливите групи во општеството.

– Студентите преку своите дела изразија цврст став за разбивање на стигмите и табуата поврзани со лицата од социјалната маргина, дискриминираните и несоодветно вклучените инивидуи и општествени групи. Студенти од речиси целиот континент, од Португалија до Турција, од Велика
Британија до Русија, учествуваа во конкурсот „Инклузија, не ексклузија”, соопштија организаторите –  Здружението на графички дизајнери „Плакарт” и Советот на Скопје постер фестивал.
Победници на конкурсот „Инклузија, не ексклузија” се осум автори: Денис Несмејанов од Русија;  Еце Батур од Турција;  Едуардо Рибеиро од Португалија; Лука Прстојевиќ од Србија;  Клаудија Заблоцка и Џина Парк од Полска и македонските автори Стефан Симоновски и Теодора Младеновска.
Наградата е патување и учество во еднонеделна работилница во Преспа. Учесниците заедно со менторите Костадин Танчев-Динка и  Штефан Бунди од Швајцарија ќе работат на создавање дополнителни дела кои ќе бидат изложени во рамки на патувачката турнеја на 13. СПФ, почнувајќи од 15 јули.
Деца од Посебното основно училиште „Иднина” вчера на платото и во паркот на Младинскиот културен центар цртаа со различни техники, а делата што ги создадоа ќе бидат понудени на продажба во хуманитарни цели на отворањето на изложбата на 13. Скопје постер фестивал в понеделник. Во согласност со темата на годинашниот конкурс, целта е да се подигне свеста за нивната рамноправна улога во општеството.
Проектот „Инклузија, на ексклузија” е организиран со поддршка од Амбасадата на Швајцарија. Планирани се и серија изложби со делата од финалистите, надополнети со сите дела што ќе бидат создадени за време на работилницата во Преспа. 
Треба да знаете
Последни објави