Доколку не се постигне договор околу датумот за заедничко чествување на Гоце Делчев, Бугарија ќе се повлече од понатамошната работа во мешовитата комисија со Македонија. Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева за Нова изјави дека нејзината земја нема да прави никаков компромис на ова поле и дека нема да се согласи со предлогот на македонската страна, Делчев да се чествува на 7 октомври.
-Нема да правиме компромис со вистината. Од Северна Македонија не сакаме ништо повеќе од вистината, рече министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
Овој датум, кој ја одбележува годишнината кога Бугарија и ги предала на Македонија останките на револуционерот, за Захариева е неприфатлив бидејќи, како што рече, се поврзува со Коминтерната и со Тито.
Според Захариева предавањето на коските е едно од најголемите предавства кон Бугарија.
-Гоце Делчев самиот кажал што е по националност, односно Бугарин, тоа го напишал десетина пати. Се додека продолжуваат да ги едуцираат своите ученици со лажниот национализам, ништо нема да се смени. Поентата е да се почне промена во менталитетот – рече Захариева.
Таа го коментирала и членството на Македонија во Европската Унија и нагласила дека започнувањето на преговори со ЕУ не е гаранција за влез на Македонија во Унијата.