Иако Челси и Наполи во јануари беа во предност, се чини дека талентираниот Италијанец од идната сезона ќе го носи дресот на милански Интер.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Интер е пред комплетирање на трансферот на 22-годишниот играч за врска на Каљари, Николо Барела и токму тој ќе биде првото засилување на тимот на Антонио Конте за идната сезона.
Наводно Интер и Барела веќе ги договориле сите услови околу неговиот договор, па сега останува уште „Нераѕурите“ да се договорат со Каљари околу висината на обесштетувањето. Наводно од Каљари побарале 50 милиони евра, но голема е веројатноста цената да биде намалена со вклучување на неколку фудбалери од младинската академија на Интер.
Барела се смета за еден од најталентираните италијански фудбалери, а минатата недела настапи и за италијанската репрезентација на дуелот против Грција каде што постигна и гол.