Шефот на државата Стево Пендаровски, кој утре заминува во посета на Брисел, очекува дека на средбите таму ќе добие целосна потврда оти Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговори.
Ова ќе биде прва негова официјална посета на Брисел, откако стапи на претседателската функција, а тој во интервјуто за Дојче веле, објавено денеска, вели дека за време на средбите во Брисел, со високи претставници на ЕУ и НАТО ќе им укаже дека земјава ќе ги исполнила својот дел од обврските.
-Посетата носи симболична порака и е со прецизна агенда и намера да им укажеме на сите со кои ќе имаме средби, особено на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, дека Република Северна Македонија го исполни во целост својот дел од обврските. Јасно да пренесеме како ние гледаме на севкупната констелација на политичко-безбедносните аспекти и предизвици кои постојат на Западниот Балкан. Овде, првенствено мислам на аргументот дека сме единствена земја во регионот во која опозицијата е во Парламентот, единствена во која функционираат сите институции, единствена која нема ниту едно отворено прашање со соседите, нагласува тој во интервјуто за Дојче веле, кое го пренесува МИА.
Додава дека не треба да се заборави и дека во регионот сè уште постојат одредени политички структури и поединци кои заговараат концепти за решавање на преостанатите проблеми, кои се не само анахронизам во 21-от век, туку претставуваат и потенцијална опасност за регионалната стабилност и безбедност.
-Очекувам дека на средбите во Брисел ќе добијам целосна потврда дека заложбите на сите чинители таму, без исклучок, се во насока на тоа дека нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите, и тоа не само поради поширокото опкружување, туку пред сè, поради фактот дека тоа го сработивме и заслуживме, нагласува шефот на државата.
Во врска со случувањата во германскиот Бундестаг, каде неодамна на површина излегоа разногласијата околу датумот за Северена Македонија, Пендаровски вели дека до овој момент ниту еден водечки европски политичар и ниту една голема политичка партија во Европа не е против земјава да добие датум за почеток на преговорите.
-Конкретно, Германија секогаш била и уверен сум, ќе остане една од клучните држави кои ја поддржуваат Северна Македонија на патот кон нашето полноправно членство и во ЕУ и во НАТО. Наскоро очекувам средба со Сојузниот претседател Штајнмајер во Берлин, на која средба сум убеден дека ќе се реафирмира стратешкото сојузништво меѓу Северна Македонија и Германија, нагласи тој.
Многу е важно, додава тој, што ние како држава ги исполнивме и двете потребни компоненти – реформите што треба да ги спроведе секоја држава за да добие позитивен извештај, што е нотирано во Извештајот на ЕК и политичката волја.
-Тука сакам уште еднаш да повторам дека ниту еден сериозен политички фактор во ЕУ не вели дека Северна Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Се разбира, секогаш постојат одредени структури на кои приоритет им е домашната политичка динамика, но овој пат гледаме јасни политички пораки кои упатуваат на позитивен исход. Сепак, најголемиот предизвик во целиот процес е времето на чекање, односно факторот трпение, а тоа е особено изразено на внатрешно политички план кај нас дома. Граѓаните на нашата земја со право бараат интензивирање на економскиот раст, отворање на можности за младите да можат да ги искористат своите потенцијали дома, за да не емигрираат поради недостаток на можности во државата, и конечно, сите бараат ефикасни институции кои ќе бидат транспарентни и достапни за сите. Во овој момент, според мене, неспорно е дека ние ќе добиеме датум за почеток на преговори во наредниов период, додаде Пендаровски.
Евентуалното одлагање, вели претседателот, би се должело на прашања и процеси кои се надвор од нашето влијание, а во врска со можноста датумот за земјава да се врзува за Албанија, додава дека со оваа држава имаме одлични односи, дека пристапот земјите да се гледаат како дел од една поширока стратешка слика е начелно добар, но во исто време, мора да се внимава на спецификите и особеностите и на секоја земја одделно.
-Одлично би било да го одиме патот кон ЕУ заедно со нашите пријатели од Албанија, но дали ќе беше чесно кон Албанија и нејзините граѓани некој од нив пред десет години да побараше тие да не влегуваат во НАТО, бидејќи ние имавме проблем со Грција и дека треба и тие да почекаат додека истиот не биде решен. Остануваме партнери, имаме исти цели пред нас, конечно и Албанија доби јасна препорака, Европскиот совет да донесе позитивна одлука за да добијат датум за отпочнување на преговори и тоа треба да се случи, и за нив и за нас, појаснува Пендаровски во интервјуто за Дојче веле, кое го пренесува МИА.
Нагласува дека веќе ги почнал консултациите со Владата и МНР за пополнување на испразнетите амбасадорски места, а наскоро очекува да биде усогласена приоритетната листа на дипломатско-конзуларни претставништва кои ќе треба што поскоро да се пополнат. Потсетува дека во моментов се испразнети повеќе од дваесетина места, а очекува првата група на амбасадори да замине на служба на почетокот на есента.