Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека, за да се унапреди процесот на дијалогот меѓу Косово и Србија, неопходен е еден рамковен договор со кој ќе се дефинираат темите за кои двете земји можат да најдат решение, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на прес-конференција по денешната седница на Владата изјави дека еден таков претходен договор би бил гаранција за продолжување на дијалогот меѓу Приштина и Белград.
Тој додаде дека двете земји веќе имаат потпишано Договор за интегрирано менаџирање на границите (ИБМ), така што нема потреба од разговори за границата.
– Немаме потреба за дијалог за туризмот, туку за еден рамковен договор за тоа за што ќе разговараме. Не знам зошто некој треба да ми зборува за границите на Косово, кога Косово и Србија веќе имаат потпишан ИБМ, уште од 2013 година. Во тоа инвестираше и Европската унија. Имаме и згради долж границата. Косово и Србија имаат напреднато менаџирање на границата, имаат меѓународен договор. Така што, Косово не може да се враќа назад и да го преразгледува ИМБ-то. Зошто би зборувале за тоа сега, зошто сме потпишувале договор, изјави Харадинај.