Анадолија: Земји сојузнички на НАТО одамна поседуваат руски одбранбени системи

Најмалку три членки на НАТО со години користат руски системи за противракетна одбрана, во период кога Соединетите Американски Држави го зголемуваат притисокот врз Турција и Индија да се повлечат од купување на такви системи, анализира агенцијата Анадолија.

Со оглед на тоа што Индија потпиша договор со Москва во октомври 2018 година по разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и премиерот Нарендра Моди за купување на системот за противракетна одбрана С-400, испораката треба да почне во октомври 2020 година и да заврши до април 2023 година. Турција, која почна преговори за купување во 2017 година, најверојатно ќе ја добие својата прва испорака во текот на следните два месеца, потсетува агенцијата.

Главното противење на Вашингтон во врска со планираното распоредување на руски системи од страна на НАТО-сојузникот Турција, е тоа дека тие нема да бидат компатибилни со опремата на НАТО и оти претставуваат закана за американскиот производител на воените авиони Ф-35, „Локхид Мартин” (Lockheed Martin), на кои Турција е потенцијален купувач и партнер во нивното усовршување и производство.

Русија досега ја има продадено претходната верзија на системот С-300 на околу 20 земји, вклучувајќи ги и земјите членки на НАТО, како Бугарија, Грција и Словачка. Ракетите С-300 моментално се интегриран дел од воздушната одбрана на Грција – земја членка на НАТО, и моментално се распоредени на грчкиот дел од Кипар, прецизира Анадолија.

Експертите сметаат дека силите на НАТО и нивните авиони се изложени на радарските системи распоредени во Грција исто колку што можат да бидат изложени на ракетниот штит распореден во Турција. Се верува дека и самите САД го имаат купено системот за противвоздушна одбрана С-300 во 1994 година од Белорусија. Весникот „Њујорк тајмс” објави дека целта на купувањето била да се испита системот, за да го модернизираат својот одбранбен систем „Патриот”.

Ракетниот систем С-400 Триумф беше развиен од страна на руското Централно биро за конструирање „Алмаз” како надградба на моделот С-300, и за носење ракети копно-воздух кои може да таргетираат различни видови авиони на далечина од 40 до 400 километри. Во моментов е окарактеризиран како најдобар систем за воздушна одбрана во светот.

Ракетите С-400 се опремени со најсовремени радарски системи, кои обезбедуваат секторско пребарување и првокласна способност за следење со мобилна радарска станица која има опсег на детекција помеѓу 65 и 1.200 километри, и сегашен максимален капацитет од 100 цели.

Додека петтата генерација американски борбени авиони, како што се Ф-35, беа дизајнирани да го пробијат С-400, се верува дека другите авиони, како што се верзиите Ф-16 и Ф-18, немаат перформанси да го избегнат системот.

Оперативно, секој баталјон на С-400 се состои од две батерии со четири лансери за вкупно 40 фрлачи на пет полка – доволно за да се заштитат два до три големи градови. Тие се дизајнирани да можат да ги уништат сите воздушни објекти, вклучувајќи авиони, хеликоптери, крстосувачки ракети и балистички ракети, информира Анадолија.

Русија во моментов има распоредено пет С-400 полка на нејзина територија: два во Москва и по еден во Тихиот Океан, Балтикот и во Јужниот воен дистрикт, со понатамошни планови за уште 28 полкови до 2020 година, од кои секој ќе се состои од два или три баталјона со по четири системи, главно во поморските и пограничните области. Сирија, Белорусија и Кина, исто така, во моментов ги поседуваат системите С-400.

Русија обучува кинески воен персонал за користење на системот за воздушна одбрана веќе неколку години. Кина беше првиот меѓународен купувач кој го нарача системот во 2014 година, во вредност од три милијарди долари.

Додека Турција и Индија се во центарот на вниманието на медиумите, други сојузници на САД кои моментно преговараат со Москва за системот се Саудиска Арабија, Египет, Ирак и Катар. Во февруари 2017 година, Сергеј Чемезов, извршниот директор на Корпорацијата „Ростек” – државната компанија за производство на С-400, изјави дека Египет е заинтересиран за системот С-400, но оти преговорите се одложени поради финансиските проблеми на Египет, потсетува турската агенција.

Претходната верзија на системот С-400, кој користи идентичен радарски систем, во моментов го поседуваат 17 земји, меѓу кои и Грција, Словачка и Бугарија – сојузници на САД. Освен нив, системот С-300 го поседуваат и Украина, Алжир, Ерменија, Азербејџан, Бугарија, Египет, Индија, Иран, Казахстан, Венецуела, Виетнам, Грузија, Молдавија, Туркменистан и Узбекистан, анализира Анадолија.

 

Треба да знаете
Последни објави