Над 110 илјади предмети годишно води италијанскиот Директорат за гонење на мафија и тероризам, кој располага со огромна база на податоци, што го олеснува процесирањето на овие случаи, а италијанското Министерство за правда во моментов изработува модел на база за податоци, кој ќе биде оперативен во земјите од Балканот меѓу кои и Северна Македонија.
Националниот јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам Федерико Кафиеро Де Рахо денеска во Скопје истакна дека кон крајот на јули ќе биде дефиниран моделот на оваа база и изрази надеж дека во септември балканските земји, меѓу кои и нашата ќе можат да пристапат кон тој модел.
Тој денеска учествуваше на Конференцијата „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал”, што се одржа во Јавното обвинителство на Северна Македонија, во рамки на проектот „ИПА/2017 Сузбивање на сериозен криминал на Западен Балкан”.
Потребата од заедничка борба против транснационалниот организиран криминал, на регионално и глобално ниво и пред се зајакнување на правната рамка, на капацитетите и размената на информации за таквите случаи, беше во фокусот на Конференцијата.
Сите податоци што ги добива Директоратот, со кој раководи Кафиеро Де Рахо, се влеваат во неговата база на податоци, а во неа има милиони информации кои се депонирани таму од 1992 година до денес.
-Овие податоци се многу важни во истражните кривични постапки затоа што се поврзани со кривични случаи, а се користат и за превентивни цели. Оваа база на податоци наречена Сидна, која се наоѓа во Дирекцијата е поврзана со сите окружни обвинителства за борба против мафијата, но и со бази на податоци од странски земји, додаде Кафиеро Де Рахо.
Посочи дека не смее да се заборави дека организираниот криминал претставува закана за слободата и демократијата на секоја земја и ја оневозможува можноста за слободна економија.
– Со Северна Македонија и со други земји од балканскиот регион, како што се Србија, Црна Гора, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Унгарија, Грција се потпишани писма за намери меѓу главните обвинители, коишто се надлежни во борбата против организираниот криминал и корпуција. Меѓу сите овие судии и обвинители се создаде еден вид соработка токму во борбата против организираниот криминал. Последниот состанок го определи конечното усвојување на сознанието дека треба да се усвојат заеднички оперативни модалитети, нагласи Кафиеро Де Рахо.
Посочи дека се работи на тоа базата на податоци да биде реплицирана во сите земји кои го потпишале писмото за намери.
– Чекор напред се направи со тоа што оваа база на податоци може да се користи за олеснување на циркулација на информации, потенцираше тој.
Јавниот обвинител на земјава Љубомир Јовески и Де Рахо потпишаа Меморандум за разбирање и за заедничка соработка.
Де Рахо на македонските колеги им порача да оперираат да работат со големо внмимание и голема посветеност.
Јовески нагласи дека организираниот криминал е сериозна закана за секое современо општество – ја разградува економијата, политичкиот и безбедносниот систем. Истакна дека неговата современа димензија да се изразува како транснационален ја детерминира меѓународната соработка меѓу државите, што е клучно за успешна борба против него.
Пред нашето јавно обвинителство, додаде тој претстојат предизвици за кадровско доекипирање и создавање услови за извршување на неговата законска и уставна положба.
Нашите органи не ќе можат да пружат меѓународна соработка и правна помош, додаде Јовески, доколку не ги развијат внатрешните механизми на размена на информации и податоци и заедничка соработка на национално ниво.
-Ниту една држава сама изолирана не може ефикасно да се избори со организираниот криминал, бидејќи тој не познава граници, нации, политичка или старосна припадност и затоа сорботката меѓу државите е многу важна за справувањето со ваквиот криминал. Тој длабок навлегува во сите сфери и ги загрозува сите, рече Јовески и нагласи дека за негово субзивање е потребно заеднички и координарано дејствување на државите.
На конференцијата се обрати Франко Габриели, директор на италијанската полиција и генерален директор за јавна безбедност, кој посочи дека заложбите на полициските сили се ефикасен одговор и услов за враќање на правдата во рамките на една држава.
-Постигнувањето на овој резултат е возможен само со една координирана активност на сите. Добро е познато дека транснационалниот организиран криминал е глобална закана којашто ја загрозува безбедноста на граѓаните, ја загрозува стабилноста на правните институции на државите и го спречува економскиот развој затоа што се користи со раниливоста на општеството, нагласи Габриели.
Потенцираше дека безбедноста е жртва на променливи брзини, оценувајќи дека за да се справат земјите со организираниот криминал важно е да се содздаде една силна меѓународна врска преку развој на еден координиран и синергичен пристап на сите форми на меѓународна мултилатерална и билатерална соработка, како меѓу полицијата, така и меѓу правосудните органи.
– Во оваа задача од суштинско значење е да се потпреме на поддршката на Директоратот на Италија за борба против мафија и тероризам, заклучи Габриели, наведувајќи дека целта е да се разнебитат криминалните организации насочени кон нелегалната трговија.
Министерката за правда Рената Дескоска нагласи дека транснационалниот организиран криминал не познава нации, не познава држави и граници, заклучувајќи дека справувањето со него бара заедничка посветеност и меѓусебна соработка на сите чинители вклучлени во борбата со него.
– Министерството за правда посветува големо внимание за создавање на правна рамка за борба против организираниот криминал како и за зајакнување на капацитетите и зголемување на ефикасноста на меѓународната соработка, наведе таа.
Посочи дека во изминатиот период со поддршка од ИПА проектот се реализирани голем број активности во насока на подобрување на соработката меѓу надлежните институции во нашата земја, продлабочување на регионалната соработка и соработка со европските партнери.
– Транснационалниот криминал, односно неговите разновидни форми на конкретно манифестирање, тесно ги следат, или класично кажано тежнеат да се прилагодат кон сите општествени системски и технолошки трендови на развој, обидувајќи се во континуитет во нив да најдат пукнатини, можности и алатки кои ќе ги користат во своја полза, при тоа се разбира нанесувајќи им штета на општествата и на граѓаните, потенцираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Оцени дека денешната конференција, е исклучително важна, не само поради размена на конкретни искуства, туку и поради можноста да се слушнат или промовираат нови идеи, предлози како земјите да бидат заеднички поуспешни, поефикасни во детектирањето и спротивставувањето кон сите облици на транснационалниот криминал.
Никола Бертолини од Делегацијата на Европската унија напомена дека Унијата соочувајќи се со транснационалниот организиран криминал отишла понатаму од традиционалната соработка и развила иновативни решенија за зголемување на координацијата за решавање на прекуграничните проблеми.
Како добар пример го посочи европскиот налог, со кој се поедноставува борбата против криминалот во Унијата, бидејќи одлуката што е донесена во една земја -членка се извршува и во сите други членки на Унијата.
Додаде дека е неопходно натамошно усогласување на националите системи во оваа сфера кај земјите-кандидатки за членство.
Италијанскиот амбасадор Карло Ромео истакна дека е потребна е голема свесност за справување со овој феномен и пред се ефикасен правосуден систем, кој мора да дејствува координарно со останатите органи вклучени во борбата против организираниот криминал и интернационалниот тероризам.
Ромео, потенцирајќи ја важноста на меѓусебната соработка меѓу земјите, рече дека никој сам не може да се справи со некоја криминална група.