Делницата од гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар е еден од најдобрите реализирани проекти оваа година со над 40 отсто. Што се однесува до гасоводот веќе имаме формирано Комисија, во рамки на Владата и Министерството за економија, што ќе почне да спроведува и јавни приватни партнерства во врска со дистрибутивните мрежи, информира денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
– Верувам дека Македонски енергетски ресурси (МЕР) во предвидените рокови ќе ја завршат примарната мрежа, а во меѓувреме ние секако треба да најдеме инвеститори, но и сите општини што ќе се подготвени согласно новиот Закон за енергетика имаат право да креираат свои јавни претпријатија и тие самостојно ќе одлучуваат дали сакаат државата да најде за нив инвеститори или тие преку нивните јавни претпријатија ќе почнат да ги градат дистрибутивните мрежи се со цел во најкраток можен рок, нашите граѓани, нашите домаќинства да имаат можност да се снабдуваат со гас, вели Бектеши.
За проектот додава дека е една од најдобрите реализации што се однесува на капиталните инвестиции, а тоа, како што рече, го потврдуваат и извештаите што излегуваат од страна на Министерството за економија.
– Ова отвора врати за ние да почнеме да реализираме и дистрибутивни мрежи во главните градови каде што поминува примарната мрежа, затоа што нема да има смисла да градиме примарни мрежи без да ги вклучиме директно и градовите.
Во однос на капиталните инвестиции, тој подвлече дека Министерството за економија е главно креатор на политиките, односно не ги реализира капиталните инвестиции. Додаде дека Министерството за економија во последните пет/шест години немало над 200.000 евра капитални инвестиции.
– Како министер сум и во тимот за реализација на капиталните инвестиции. Заедно со вицепремиерот и министерот за транспорт и врски ги следиме сите други инстицуии што имаат за реализација капитални инвестиции, а тука треба да се има предвид дека не сите капитални инвестиции што се реализираат се во буџетот на Владата, значи во јавните претпријатија, во акционерските друштва се надвор од буџетот. Што се однесува до гасоводот и железницата преку Биугарија тоа е во Министерството за транспорт и врски. Со новиот Закон веќе од оваа година МЕР ќе биде во рамки на Министерството за економија и тогаш ние директно ќе бидеме одговорни дали се реализираат во роковите предвидени или не имајќи предивид дека веќе МЕР ќе биде директно под економија, а не под Влада, рече Бектеши.