Осуммина ученици кои се првенци на генерацијата во шесте основни и двете средни училишта во општина Кочани како подарок добија бесплатно летување. Тоа им е признание од Локалната самоуправа за постигнатиот успех, но и поттик за понатамошно продолжување на одличните резултати во школувањето.
Градоначалникот Николчо Илијев денеска организираше свечен прием за нив, при што истакна дека Општината ги наградува со бесплатно летување на островот Паг на хрватското приморје. Првенците на генерацијата од Кочани ќе се одмораат од 3 до 10 август, а трошоците за нивниот престој се на товар на збратимената општина Крижевци од Хрватска.
-Наградата за учениците е резултат на повеќедецениските контакти на нашата и хрватската локална самоуправа. Седма година ја реализираме соработката со општинската управа и училиштата од Крижевци, при што нашите ученици летуваат на Паг, а за најдобрите крижевски ученици ние организираме бесплатно зимување на Пониква, рече градоначалникот Илијев.
На приемот на учениците првенци на генерацијата, присуствуваа и нивните ментори, како и педесетина други ученици кои во текот на изминатата учебна година освоија први места во поединечна и екипна конкуренција на државни и меѓународни натпревари. За сите нив, исто така, беа обезбедени награди и признанија.
Покрај бесплатното летување, учениците на генерацијата од Кочани како дополнителна награда од Општината добија и по шест илјади денари.