Министерството за одбрана, во чии рамки е и единствениот НАТО – партнерски центар за обука и едукација во државата, Регионалниот центар за односи со јавност, годинава за прв пат е домаќин на состанокот на работната група на НАТО – партнерските центри, кој беше отворен денеска, а ќе трае до 14 јуни.
Заменикот – министер за одбрана, Беким Максути, на отворањето истакна дека овој работен состанок се реализира во вистинско време, со Северна Македонија како домаќин, особено имајќи предвид дека земјата го потпиша пристапниот протокол за членство во Алијансата, а процесот на ратификација во земјите – членки тече со исклучителна брзина.
„Северна Македонија наскоро ќе биде 30-тата земја – членка на Алијансата, и Регионалниот центар за односи со јавноста е еден уникатен капацитет кој го развиваме и го нудиме на сојузниците. Овој центар е и ќе биде од големо значење во Алијансата, особено имајќи предвид дека како сојузници и партнери имаме исти цели – да бидеме отворени и транспарентни кон јавноста”, рече заменикот – министер.
Максути изрази убедување дека овој состанок ќе ја надгради соработката и дијалогот помеѓу сите партнерски центри, што ќе придонесе и кон развој на целата мрежа на 33 партнерски центри за обука и едукација.
На состанокот на партнерските центри освен претставниците на центрите учествуваат и високи претставници на НАТО – Алијансата од Здружената команда за трансформација, НАТО – Школото во Оберамергау и НАТО – меѓународниот воен персонал.