Над 1.200 легла во студенскиот дом „Стив Наумов” ќе бидат ставени во функција. За таа цел, согласно вчерашната владина одлука, задолжено е Министерството за образование и наука да спроведе постапка за реконструкција на овој студенски дом во најкраток можен рок.
Директорот на Државниот студенски центар Дарио Николовски денеска на прес-конференција во Владата рече дека посветено се работи на подобрување на условите во студенските домови во државата. Најави дека во следниот период се очекува Министерството за финансии и Министерството за образование и наука да потпишат меморандум со KfW банката за реконструкција на сите студенски домови во делот на енергетската ефикасност.
Во делот на реконструкциите во студенските домови, Николовски посочи дека веќе е завршена реконструкцијата на блоковите В и Г во студенскиот дом „Гоце Делчев”, а наскоро се очекува да започне и постапката за целосно опремување со мебел во овие два блока.
Започнат е и процес на уредување на запустените простории во студенските домови кои ќе се користат за одржување на обуки, работилници и презентации, а во моментот, според Наумовски, се работи на преуредување на запустените читални и на диското во студенскиот дом „Стив Наумов”.
– Ја цениме поддршката што доаѓа од Владата. Досега, два пати финансиски не поддржа со покривање на режиски трошоци од над 100 милиони денари со што се подмирија дел од наследените долгови и се одблокира нашата работа. Во процедура е законот за изменивување на Законот за студенски стандард со кој ќе се овозможи државата да може да ги подмири долговите во делот на режиските трошоци, а истото да го направи и за сите други работи. После 13 години, ќе се создаде можност оваа задолжена институција да застане на здрави нозе и да работи во служба и за добро на студентите, рече Николовски.
Од Државниот студенски центар најавуваат и инсталирање на видео надзор и надворешно обезбедување во студенските домови со цел да се подигне нивото на безбедност на студентите.