Претседателот Стево Пендаровски од Брисел порача дека „заморот од проширувањето” на кој се повикува Европската Унија го чувствува и Северна Македонија, која се наоѓа во чекалната од 2005-та година.
Пендаровски, на конференција организирана од тинк-тенкот „Пријатели на Европа”, одговарајќи на прашања од публиката, потсети дека Северна Македонија, по четиринаесет години и десет позитивни препораки од Европската Комисија, е рекордер во чекање старт на пристапните преговори со Европската Унија.
-Заморот од проширувањето се наоѓа од двете страни, ЕУ вели дека приемот на некои земји за време на големото проширување кон истокот не дал задоволителни резултати, но кај нас народот е навистина преморен од чекање, одговори претседателот Пендаровски.
Тој потсети дека се исполнети сите реформи кои се бараа од Северна Македонија за почеток на преговори и дека земјата испорачала за спорот со името.
– И сега што? Повторно треба да чекаме? На чија страна е заморот?, праша Пендаровски.
Тој истакна дека целосно поддржува отворање на преговорите со ЕУ за Албанија, но истакна и дека постои сомнеж кај одредени владејачки елити во Унијата околу тоа што би можело да се случи доколку се одвојат Албанија и Северна Македонија во процесот на добивање преговори за членство.
-Некои велат дека не е добро да се одвојат двете земји ако се има на ум дека во наредните месеци, меѓународната заедница треба да се справи со косовското прашање и да ги доведе Приштина и Белград до заедничко решение, и нивниот аргумент е дека без сериозна поддршка од Косово и пред сѐ од Република Албанија, косовските Албанци нема да навлезат сериозно во овие преговори. Има некои аргументи тука, но од друга страна ако се ценат постигнувањата, ние направивме сѐ што требаше и направивме нешто што никој не го направил – го сменивме името на нашата земја, изјави претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека на своите гласачи им објаснува дека одлуката да се промени името на државата е донесена поради Европската Унија, и дека доколку ЕУ не го испорача својот дел, луѓето ќе бараат алтернатива.
-ЕУ го кажа тоа што го кажа минатиот јуни, ние го направивме тоа што го направивме, Албанија го направи тоа што го направи во последната година, тоа што сакаме е фер шанса, судете ни врз нашите заслуги или грешки ако ги има, но не велете ни дека сега доаѓа летниот одмор, доаѓа нова Европска Комисија, па се споменува есенската седница на Бундестагот, ве молам, нагласи Пендаровски.
Тој додаде дека јуни 2019 како датум во минатогодишните заклучоци на Советот на ЕУ за одлука за преговори беше одбран поради изборите за Европски Парламент.
-Рекоа веднаш по европските избори, сега поминаа изборите, и ние чекаме, рече Пендаровски и потсети дека пораката на европскиот претседател Доналд Туск утринава беше токму дека „проблемот сега не е кај вас, туку кај нас”.
Според претседателот на Северна Македонија, треба да се има на ум исто така дека голем дел од проевропските граѓани изгубиле надеж во европската идеја, судејќи по изборните резултати од референдумот и од претседателските избори.
-Минатата година на референдумот, 600 илјади проевропски граѓани гласаа за, јас бев избран со 440 илјади гласови, што значи дека проевропскиот табор изгуби сто илјади гласови, рече Пендаровски.
Според него, Северна Македонија нема план Б доколку нема преговори летово со ЕУ.
-Јас не гледам никаква одржлива алтернатива, рече претседателот, и предупреди дека во наредниот период ќе биде многу важно што ќе се случува со Косово и Србија.
Во тој контекст тој оцени дека идејата за размена на територии е „една од најужасните идеи”.
-Тоа ќе предизвика веднаш конфликт, алармираше Пендаровски и оцени дека не смее да се зборува за промени на граници во овој регион.