Промоција на Скопје како посакувана туристичка дестинација и зголемување на бројот на странските посетители во главниот град, е целта на меѓународната конференција за туризам „Почувствувај го Скопје” („Feel Skopje”) што се одржува денеска во организација на НВО „Концепт плус”.
Основната идеја, според организаторот, е да се добијат препораки, како да се подобри промоцијата на Скопје и нашата држава во светски рамки, како подобро да се привлечат повеќе посетители и да се добие повеќе внимание и простор во странските медиуми.
Конференцијата е дел од проектот и порталот visitskopje.mk, а се промовира и новиот портал visitmacedonia.eu кој ќе има за цел да ја промовира нашата земја како посакувана туристичка дестинација.
На конференцијата се обратија фотографи, новинари и блогери од областа на туризмот од Турција, Хрватска, Швајцарија, Јапонија и Словенија.
– Јас сум патувачки фотограф и на оваа конференција ќе зборувам за добрите и лошите работи на полето на туризмот во Скопје. Втор пат сум во Скопје и во последните години градот е порелаксиран и побезбеден за туристите, нагласи Јуја Матусо, фотограф од Јапонија.
Екрем Кофтоглу, претседател на Асоцијацијата на туристички новинари и фотографи од Турција изјави дека туризмот бара целосна инфраструктура, патишта, хотели, ресторани, болници, услуги.
– Туризмот е комплексна индустрија која се сведува на услуги. Можете да имате ресторани насекаде, меѓутоа она што е битно е услугата што ја добивате, рече Кофтоглу.