Халкбанк АД Скопје и оваа година со поддршка на Ракометниот камп „Кирил Лазаров 7“

Халки ќе ги забавува децата во Охрид и ќе доделува штедни книшки од 3.000 ден.


Во пресрет на петтото јубилејно издание на Ракометниот камп на капитенот и најдобриот стрелец на сите светски и европски првенства, Кирил Лазаров, Халкбанк АД Скопје го објави четвртото по ред партнерство на овој проект, и тоа со најголема поддршка досега.

Ракометниот камп ќе се одржи во две смени, од 19 до 25 јуни и од 25 јуни до 1 јули 2019 година во Охрид, а Халкбанк оваа година ќе ги изненади децата со маскотата слончето Халки, која е симбол на детското штедење и која на секое дете што ќе слави роденден додека се одржува кампот, како подарок ќе му додели по 3.000 денари на штедна книшка.

„Во насока на поттикнување на вистинските општествени вредности, нашата банка е горд партнер и на Ракометната федерација на земјата, а, пак, веќе традиционалната поддршка на Ракометниот камп ’Кирил Лазаров 7‘ е само чекор повеќе да го препознаеме и да го наградиме успехот што се темели на посветеност, натпреварувачки дух и тимска работа. Истовремено, за нас од големо значење е и да ги едуцираме децата и да ја подигнеме свеста за штедење од најрана возраст, бидејќи со таква навика тие всушност инвестираат во својата иднина. Верувам дека со помош на Халки, и децата од овој ракометен камп ќе ја согледаат важноста од рано штедење, особено како дополнителен мотив за развој и поттик на нивната идна спортска кариера“, рече Маја Наумовска-Савеска од Дирекцијата за односи со јавност на Халкбанк АД Скопје.

„Халкбанк, како меѓународна групација на компании, бренд што е голем поддржувач на спортот и ракометот во Македонија, е вистински партнер за овој многу важен проект на најуспешниот македонски спортист. Ние сме исклучително благодарни што тие секоја година ја покажуваат својата лојалност кон ракометот и, всушност, единствено со вакви партнери проектот може долгорочно да се одржува и да гради нови ѕвезди на македонскиот ракомет“, изјави Горан Ѓоргоноски од агенцијата КМГ Спорт, во чија организација е Ракометниот камп.

Инаку, Ракометниот камп е наменет за деца од 7 до 17-годишна возраст, кои во текот на 7 дена поминуваат интензивен тренинг, дружење, едукација и квалитетна надградба со Кирил Лазаров и со неговиот тим од тренери. Досега во кампот учествувале повеќе од 1.000 деца, а дел од нив веќе ги бранат боите на Македонија.

Треба да знаете
Последни објави