Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека Косово е подготвено да се помири со Србија, „и покрај тоа што таа држава пред две децении изврши геноцид” врз косовските Албанци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај на церемонијата по повод 20-годишнината од влегувањето на силите на НАТО во Косово рече дека „мирот го творат храбрите”, па затоа Косово има храброст да се помири со Србија.
Косовскиот премиер го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ да го признае Косово во рамки на постоечките граници.
– Мирот го творат храбрите, а ние имаме храброст да се помириме со Србија. Го повикуваме народот на Србија, го повикуваме Вучиќ да го признае Косово во постоечките граници, за да можеме да работиме повеќе во борбата против корупцијата, за јакнење на земјата и на законот во нашата земја, изјави Харадинај.
Тој им се заблагодари на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Бил Клинтон и на поранешната државна секретарка Медлин Олбрајт за помошта што ја пружија на Косово во војната во 1999 година и по нејзиното завршување.
– Вие со вашите авиони ги запревте возовите на смртта и етничкото чистење. Денес еден цел народ ви е доживотно благодарен, порача Харадинај.