Претставниците на земјите-членки на ЕУ кои учествуваа на денешниот Состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) во Трст, порачаа дека е круцијално носењето одлука за почнување преговори на нашата земја со ЕУ, без одлагање.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров во своето обраќање подвлече дека прв пат во својата историја, нашата држава нема проблеми со ниту еден сосед.
-Разлики ќе постојат, но полесно се совладуваат доколку односите со соседите се пријателски. Токму тоа ние го направивме, станавме партнери и пријатели со сите наши соседи. Проблем на една земја, претставува проблем за сите во регионот. Исто така, прогресот и добрите вести на таа земја, се пренесуваат и на останатите. Нашата визија за регионалната соработка е ова второто – сите да помогнат каде што има проблем, но и сите да го поддржат добриот пример, истакна Димитров.
Во контекст на позитивните ефекти од добрососедската политика и соработка, тој ги наведе и предизвиците кои може да се надминат, како што напомена, единствено со заеднички напори, континуирана соработка и доверба.
Министерот Димитров се осврна и на потребата за поблиска соработка на ЦЕИ со ЕУ, во рамките и духот на европските вредности. Според него, единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската – потесна соработка, поголема трговија и волја за решавање на проблеми.
Поздравувајќи ја силната заложба и посветеност на Италија во текот на првата половина од претседавањето со ЦЕИ, Димитров го нагласи значењето и улогата на ЦЕИ во изминативе 30 години, како во насока на стабилизирање на регионот, така и за прашањата поврзани со неговата безбедност и одржлив развој:
На крајот на Состанокот беше усвоена Декларацијата Трст со која се потврди важноста на проширувањето на ЕУ во регионот на Западен Балкан. Се истакна значењето на Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за целиот регион.
Министерот Димитров На маргините на Состанокот, оствари средби со своите колеги од Хрватска, заменик-претседател на Владата и министер Пејчиновиќ-Буриќ, од Словенија, Церар, и од Црна Гора, Дармановиќ. На средбите беше потврдена безрезервната поддршка од трите блиски и пријателски земји, како и нивната заложба за добивање одлука за почнување пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ.
ЦЕИ ја сочинуваат 17 држави од централна и југоисточна Европа, а нејзината цел, како меѓувладина платформа за консултации на високо ниво, е да ја поддржи европската интеграција на земјите-членки и регионалната соработка како меѓу земјите, така и во рамките на ЦЕИ со ЕУ. На годинашниот министерски состанок во Трст беше потврдено дека Црна Гора ќе биде идниот претседавач со ЦЕИ во 2020 година.