Државните и локалните институции годинава исполниле во просек околу 56 отсто од обврските за објавување информации за својата работа, како регулативата и одлуките, услугите што ги даваат, трошењето на парите, можноста за граѓанско учество и барање одговорност итн. Ова го објави Центарот за граѓански комуникации во својот нов индекс на активна транспарентност за 2019 година.
Според ЦГК, Активната транспарентност на министерствата и на општините, односно објавувањето информации од јавен карактер без некој да им побара, се зголемила за 12,5 отсто во однос на лани, но и ова ниво не е задоволително.
Индексот на активна транспарентност се пресметува така што на опфатените институции им се испраќаат прашалници и потоа им се доделуваат бодови, во зависност од обемот и од важноста на информациите што ги објавиле на своите интернет-страници, односно ги направиле достапни за граѓаните. Колку повеќе објавуваат, толку подобро се бодувани.
Никој не ја исполнил оваа обврска целосно. Вкупно 13 институции се во групата многу добри (со исполнетост над 80 отсто), 42 се добри (меѓу 60 и 80 отсто), 18 се просечни, 14 се слаби, а 10 се многу слаби, односно не стигнале ниту до 20 отсто.
Министерствата се сѐ уште далеку потранспарентни од општините, со просечни 77,6 отсто објавени информации, наспроти просекот 51,7 отсто кај локалните самоуправи. Само Министерството за култура е оценето како просечно, сите други се добри или многу добри. Сепак, најтранспарентната институција е од локалната самоуправа, Општина Битола, чие ниво на транспарентност изнесува 87,7 отсто.
Годинава, првпат по две години има подобрување кај општините во оваа област, додека кај институциите од централната власт состојбата постојано се движи во нагорна линија. Просечната транспарентност е најдобра во општините од источниот регион, а најслаба во скопскиот, пред сѐ, поради многу ниските резултати на општините, како Чучер Сандево, Студеничани, Зелениково и Арачиново.
Темата за која и општините и министерствата се најзатворени е буџетската и фискалната транспарентност.
Извор: Призма.мк