-Нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори, важно е тоа да биде порано. Важно е да знае ЕУ дека таа за нас е атрактивна затоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре, но и да го држи процесот отворен за привлекување на новите земји кандидати за членство во ЕУ и верувам дека тоа ќе се случи. Оваа мотивација од ЕУ за нас е важна за да продолжиме понатаму, рече Заев на новинарско прашање дали има донесено одлука за која од трите можни опции (реконструкција на Владата, предвремени парламентарни избори, враќање на мандатот) се одлучил, а кои тој претходно ги најави во случај да не добиеме датум за преговори.
Најави дека по средбата со Меркел во четврток, веројатно идниот викенд ќе следи седница на Централниот одбор на СДСМ, дека се постојано во координација со коалициските партнери и во зависност од одлуката на парламентарното мнозинство и дали тоа ќе се додржи така ќе ги носат одлуките.
-Транспарентни сме до самиот крај. Верувам дека јуни месец ќе ги заокружи сите овие политички одлуки дома затоа што се што работиме е заради интеграциите во ЕУ и НАТО кои ни влијае комплетно позитивно на економските процеси и реформите, рече Заев.
Работната посета на премиерот Заев на Берлин е на покана на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа. Според најавата од владината прес-служба, Заев ќе предводи делегација на годишниот прием на Стопанската комора на Германија за источна Европа на кој ќе има свое обраќање.
Европската Комисија во извештаите за напредокот за земјите – кандидати што ги објави на 29-ти мај, им препорача на земјите членки да ги започнат преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија што поскоро, идеално во јуни, а македонскиот пример го нарече „блескав” и „сведоштво” за моќта на привлечност на ЕУ во регионот.
-Нашата порака е јасна, јасно рековме дека му препорачуваме на Советот да отвори преговори со двете земји во најбрзо време, сега одлуката е кај земјите членки. Двете земји се подготвени, рече по презентацијата на извештаите потпретседателката на ЕК и шефица на европската дипломатија Федерика Могерини нагласувајќи дека станува збор за процес на преговори а не за членство во ЕУ.
Премиерот Заев пак оцени дека овој Извештај кој ја содржи 10-та по ред препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ е најпозитивниот досега, потврдува дека ги исполнивме сите наши задачи и дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите.
-Сега на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да испорача одлука што ќе ни ја донесе врз основа на нашите заслуги. Испораката има јасен став за старт на процесот на преговори кој е и во интерес на ЕУ, за улогата на ЕУ како глобален играч за нејзината надворешна политика и за идните перспективи на овој регион. Отворањето на преговорите за пристап во ЕУ е единствната гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан, потенцира Заев.