Францускиот претседател, Емануел Макрон, ќе престојува во посета на Србија на 15 и 16 јули. Средбата со српскиот претседател, Александар Вучиќ, ќе биде прилика за унапредување на билатералните односи и постигнување разбирање за широк спектар на прашања, од кои косовскиот проблем е најважен, објави „Политика“.
Српскиот весник наведува дека посебна чест за Србија е тоа што Макрон доаѓа во Белград веднаш по националниот празник – 14 јули, Денот на падот на Бастилја, кој се смета за симбол на Француската револуција и во Франција се слави како државен празник.
Посетата на Макрон првично беше планирана за почетокот на декември лани, но беше одложена поради бранот протести на жолтите елеци.