Личниот агент на Ентони Дејвис, Рич Пол изјави во интервју за „Спортс Илустрејтед” дека неговиот клиент би можел да игра за Бостон во следната сезона, но најверојатно ќе го напушти тимот покрајот на следното лето.
„Келтите” се сметаат за главен фаворит за потписот на тешкото крило на Њу Орлеанс, но Пол одби да даде било какви гаранции дека Дејвис ќе биде склон да потпише нов договор со евентуалниот нов тим.
На почетокот на годината, Дејвис посака јавно да го напушти сегашниот тим Њу Орлеанс, но тогаш „пеликаните” одбија да го трејдуваат, надевајќи се дека во текот на летото ќе можат да добијат токму од Бостон многу повисока цена за својата ѕвезда.
– Бостон може да направи трансфер и да го земе Ентони Дејвис, но тоа ќе биде само за една година. Имам предвид дека ние ќе одиме таму и ќе го исполниме нашиот дел од преостанатиот договор кој е за уште една година, но во 2020 година, Ентони Дејвис ќе биде слободен агент. Во Бостон се свесни за тоа, затоа што сум им го кажал. Ако Ентони одлучи да не продолжи со Бостон, а тие дале играчи и пикови за него, нека не го обвинуваат Рич Пол, изјави агентот.
Тој додаде дека нема идеја каде ќе игра тој наредната сезона.
– Но, тоа не е и толку важно. Дејвис ќе биде слободен агент по година. Дотогаш, сепак има уште година во која тој треба да игра. Но по неа тој ќе биде слободен да потпише со тимот со кој сака, рече уште Пол.
Уште ова лето Ентони Дејвис има можност да потпише нов 5-годишен договор со вкупна вредност од 240 милиони долари со Њу Орлеанс, но желбата на играчот е да го напушти клубот.
Според медиумите во САД, Дејвис претпочита да ја продолжи кариерата во Њујорк или Лос Анџелес.