Во претресите што се спроведени во Италија во врска со случајот за злоупотреба на ИПА фондовите, за што се сомничат државниот секретар на Министерстото за информатичко општество и администрација и поранешен вработен во истото Министерство, се пронајдени докази кои ќе служат во постапката што се води против нашите државјани.
Ова го изјави денеска обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која денеска во Скопје учествуваше на Конференцијата „Заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организирам криминал”.
Неофицијално истрага за злоупотреба на ИПА фондовите се води против Јахи Јахиу, државен секретар во МИОА од редовите на ДУИ и Јасмина Гелеска од Скопје која била раководител на сектор во Министерството. Тие се сомничат за примање покуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите.
Русковска напомена дека е рано да се каже што има во запленетите материјали, пред се во комјутерите и мобилните телефони и додаде дека ќе треба да се почека вештачењето .
Акцијата е спроведена во координација со италијанското обвинителство од Милано и со поддршка на „ЕУРОПРАВДА”. Спроведени се симултани претреси во Северна Македонија и во Италија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Во акцијата на нашето Министерство привремено одзедени се повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.
Русковска нагласи дека се уште нема осомничени од фирмите во земјава во кои е вршен претрес и додаде дека треба време за да се подготват сите докази, а потоа ќе се согледа дали истрагата ќе се прошири и на други осомничени.
Во врска со тоа дали има истраги за ИПА фондовите или други злоупотреби против други функционери таа вели дека во тек се предистражни и истражни постапки за определени функционери и тоа пред се за економски криминал и копруција, а во моментов се гони, како што рече, барем еден судија.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески нагласи дека комуникацијата со италијанските власти е на високо ниво и како што рече резултат на тоа е и последната истрага.