Владиниот портпарол Муамет Хоџа денеска на редовната прес-конференција во Владата рече дека Владата се надева оти земјата ќе добие датум за отпочнување на преговорите со Европската унија бидејќи се спроведени потребните реформи за евроинтегративниот процес.
Одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира денешната изјава на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, владиниот портпарол рече дека Владата на Република Северна Македонија посветено работела на спроведување на сите реформи кои и го отвораат нејзиниот пат за членство во ЕУ.
– Тоа се потврди и со позитивниот извештај и Владата се надева дека ќе имаме датум за отпочнување на преговорите. Тоа треба да биде до крајот на месецот и тоа го очекуваме бидејќи голем дел од нашите обврски ги имаме спроведено и голем дел од реформите кои се потребни за нашиот пат кон ЕУ, се спроведени, рече Хоџа.
Прашан зошто Владата не ги демантира информациите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека меѓу двата изборни круга имало средба меѓу Зоран Заев и луѓе од ДУИ на која се договарало политичко редефинирање на државата, Хоџа рече дека како портпарол на Владата не може да ги коментира изјавите на политичка партија во која се споменуваат и други политички партии.
– Би Ве замолил прашањето да биде испратено до политичките партии кои ги споменувате, рече Хоџа во одговорот на новинарското прашање.