Заев: Груевски сокриен во багажник избега од земјава
Во интервју за германскиот весник Франфуртер алемајне цајтунг, дадено вчера, премиерот Зоран Заев на прашањето дали знае како избега екс премиерот Никола Груевски, одговори дека знае и соопшти детали.
Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на поранешниот премиер во клучните часови на бегството од земјата.
„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија веднаш по минувањето на границата, го чекало унгарско дипломатско возило“, изјави премиерот.
Додека тезата за криењето во багажникот не е потврдена од обвинителството, за првпат еден носител на висока политичка функција во земјата го искажува ова.
Засега никој официјално не одговори од кој граничен премин Груевски избегал од Макеоднија, дали тоа бил див или на легален премин. Само е познато дека од таму преку Црна Гора, Србија, стигнал до Унгарија каде заминал во Будимпешта.