Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска во Австрија учествуваше на форумот Европа – Вахау, на којшто воведни обраќања имаа претседателот на форумот и министер за домаќинство, труд и меѓународни односи во Владата на долна Австрија, Мартин Ехтингер, Јоана Микл Летнер, гувернерка на Долна Австрија, како и федералната канцеларка на Република Австрија, Бригите Бирлајн.
На панелот, покрај Премиерот Заев зборуваа и Еврокомесарот за проширување и добрососедство, Јоханес Хан, како и Антонио Тајани, Претседател на Европскиот Парламент.
„Веруваме во Европски вредности можеби повеќе и од некои земји членки. Можеме многу да и дадеме на Европа. Ние сме дел од Европа и ги делиме истите вредности. Мора секогаш да имаме на ум дека Европа е формирана за да биде најмоќна заедница“, истакна Премиерот Заев во одговор на прашањето што би добила Европската Унија со членството на Северна Македонија. И затоа, како што додаде Премиерот Заев „Европа мора да ги отвори вратите. Веруваме и очекуваме дека оваа година нашата земја ќе добие датум за почеток на преговорите“.
Подвлекувајќи дека за Република Северна Македонија нема друга алетрнатива, освен членство во Европската Унија, Премиерот Заев пред присутните вискои гости истакна дека Република Северна Македонија направи низа реформи во правосудството, во јавната администрација, како и во безбедносните служби.
„Преку дијалог најдовме решение после 28 години. Создадовме модел за решение и притоа го зачувавме идентитетот на двете страни. И во моментов ги жнееме ефектите од овој договор. Сите земји членки на Унијата, можеме да ги донесеме бенефитите заедно. 15 години сме земја кандидат за членство во Унијата и време е да го преминеме прагот“, посочи Премиерот Заев и додаде дека дури и земјите земји коишто се двоумеа за можноста да се проширува Европската Унија полека го менуваат своето мислење.
На прашањето зошто на Европската Унија и е потребен Западен Балкан, еврокомесратот за проширување и добрососедска полтика, Јоханес Хан истакна дека во земјите од Западен Балкан коишто не се членки на Унијата живеат околу 18 милиони луѓе и дека регионот има многу предизвици. „И бидејќи Европа досега покажа дека може да се соочи со предизвиците, треба да му помогне на Западен Балкан зошто станува збор за регион со голем потенцијал“, рече меѓу другото еврокомесарот Хан и додаде дека “Европа ќе биде обединета и унифицирана, само ако во неа бидат обединети овие 6 земји од Западен Балкан“.
Еврокомесарот Хан на форумот Европа – Вахау исто така додаде дека неспоредлив е придонесот на Премиерот Заев и Северна Македонија за целиот регион на Западен Балкан. И затоа како што рече тој, „Треба да направиме се, за да и помогнеме не Северна Македонија“.
Федералната Канцеларка на Австрија, Бригите Бирлајн во своето прво јавно обраќање како Канцелар на Република Австрија, истакна дека само обединета Европа може да се соочи со сите предизввици
„Стабилноста на Западен Балкан значи стабилност и на целиот регион, силните политички одлуки ни требаат и за засилување на економијата“, заклучи претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тајани на затворањето на форумот Европа – Вахау, којшто се одржуваше во Република Австрија во последните три дена