Роберто Парондо го напушти Вардар по една неверојатна сезона мината на чело на „црвено-црвените“. Го наследи Раул Гонзалес во ситуација кога голем дел од клучните играчи си заминаа, но успеа да оствари фантастичен успех – по една година пауза враќајќи го македонскиот првак на врвот на европскиот ракомет.
„Мислам дека сега на сите им е јасно каква работа завршивме. Кога победивме во финалето, сите бевме пресреќни, имавме фантастичен пречек во Скопје, тоа беше чувство што не може да се опише се зборови. Сега, како што одминува времето, така на сите ни станува јасно колкав беше нашиот подвиг, Вардар да стане европски првак два пати во рок од три години. Тоа е најдобриот тим во Европа и чувството е одлично“ – изјави Парондо во интервју за официјалната веб-страница на СЕХА-лигата.
Шпанскиот стратег го откри и моментот кога тој и неговите ракометари почнаа да веруваат дека можат да стигнат до Ф4 турнирот во Келн.
„Размислувавме натпревар по натпревар, бевме во силна групна, но одлично ни одеше. А тогаш игравме со Загреб и убедливо триумфиравме, сите почнавме да веруваме уште повеќе во себе, да зрачиме со оптимизам дека ќе играме на Ф4. Знаевме дека на патот ќе ни стои Пик Сегед, но верувавме во себе и дојдовме до голем успех“ – вели Парондо.
Младиот стручњак си заминува од Вардар за да се посвети на функцијата селектор на Египет.
„Триумфиравме и во СЕХА и во Лигата на шампионите. Жалам што си одам, долго размислував, но знам дека ова е вистинската одлука. Годината што ја минавме заедно беше неповторлива, не сакам тоа чувство да се промени. Си одам, но Вардар и Скопје ќе ги паметам цел живот. Многумина ми се заблагодаруваат, но и јас сум им благодарен на сите. Скопје ми останува во срцето, каде и да одам во иднина“ – порачува Роберто Гарсија Парондо.