Класична лажна вест е тврдењето на Мицкоски дека Буџетот не се полни, по години стагнација, економијата расте и се движи во добар правец, реагираат од СДСМ, на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека има дупка во Буџетот од три милијарди денари.
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се единствените кои не можат да се помират со успешните економски политики потврдени преку официјални податоци, релевантни финансиски институции, како и преку најпозитивниот извештај на Европската комисија.
Одново се покажува дека Мицкоски не само што нема основни познавања од економија туку не знае ниту да ги прочита позитивните економски текови, па затоа шири лажни вести.
Не е точно дека платите не растат, а економијата пропаѓа како што лажно тврдат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Класична лажна вест е тврдењето на Мицкоски дека Буџетот не се полни. Напротив, состојбата е одлична, граѓаните да бидат спокојни“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека е факт дека за само две години, економијата далелку постабилна и развојна, отколку што беше за време на 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од – 1,8 отсто во последните два месеца од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, за неполни две години економијата има раст од 4.1 во првиот квартал од 2019 година. Само во 2018 забележан е рекорден износ на странски директни инвестиции од 624,5 милиони евра, а нашата држава има убедливо најголем раст на странски инвестиции во регионот, што е потврдено и во „Извештајот за инвестициите во светот 2019“ на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој. Невработеноста е намалена на историски минимум и изнесува 17,8 отсто. Платите растат во сите сектори, зголемена е минималната плата, а за само две години просечната плата е зголемена за околу 2.000 денари“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека по 13 години, агенцијата „Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+, со стабилен изглед, што е последен во низата показатели за успешноста на реформите и потврда дека е довербата во економијата е вратена и таа се движи во нагорна линија.