Првиот дел на четвртото издание на „Крик“, фестивал за критичка култура, ќе се одржи од 18 до 24 јуни, со тема „Човек без својства – политики на маргините“, кое ќе ги спои различните дискурзивни, уметнички, општествени, активистички и политички практики низ кои ќе се обиде критички да ги истражи и презентира алатките, размислите и дејствувањата преку кои ќе можат да се создадат новите текстови на културата и уметноста.
„Оваа година фестивалот ќе се одвива како процес низ неколку етапи во годината. Особено ни е важно прераснувањето во платформа и форум за критичка култура, низ која ќе бидат во постојан разговор и конфронтација сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото, културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното“, велат програмските уредници и организатори, Искра Гешоска и Артан Садику.
Фестивалот свечено ќе биде отворен в среда, 19 јуни, со почеток во 19, 30 часот, во Чифте амам со предавањето на Нејтан Браун, професор по англиски јазик и управител на Центарот за проширена поетика на Универзитетот Конкордија во Монтреал Канада.
Претходно, вторник, 18 јуни, во кафе – кино Котур, во рамки на програмата „Критичко читање низ филмови“, чиј селектор е хрватскиот филозоф и публицист Петар Милат, во 19, 30 часот ќе биде прикажан филмот „Јас бев дома, но“ (2019) во режија на Ангела Шанилек.
Меѓу гостите на првиот дел од Фестивалот се и Арон Шустер, американски писател и филозоф, Лина Гонан, филозоф и активистка од Хрватска, Станимир Панајотов, теоретичар од Бугарија и други.