ДОМ: Законот за Национален парк Маврово би ја спречил изградбата на хидроелектрани

Партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) бара итно да се поканат претставници на Секретаријатот на Бернската Конвенција со чија помош би се доработил постојниот нацрт на Закон за прогласување на Националниот парк Маврово.

Од партијата сметаат дека со усвојување на Законот ќе се стави крај на понатамошната узурпација на просторот во заштитеното подрачје.

„Потсетуваме дека од 2011 година, кога формално започна постапката, се уште не е донесен Закон за прогласување на Националниот парк Маврово. Нерешениот статус овозможува Владата да излегува во пресрет на иницијативи за изградба на објекти (хидроакумулации, мали хидроелектрани, каменоломи, патишта, туристички зони и слично) во заштитеното подрачје“, се вели во партиското соопштение во кое се додава дека натамошната изградба на нови објекти во овој Национален парк е штетна за заштитата на биолошката разновидност.

Според ДОМ, реализацијата на градби во заштитеното подрачје може да го актуелизира спорот со Бернската Конвенција, што земјата ја ратификувала уште во 1997 година.

„Секретаријатот на Бернската конвенција отвори спор во 2015 година заради најавите за изградба на акумулациите Бошков Мост и Луково Поле и на околу 20 мали хидроелектрани во границите на заштитеното подрачје. Од планираните 20 мали хидроелектрани, 4 се веќе изградени, а за 3 се доделени концесии и изградбата може да започне во секој момент“, стои во соопштението во кое се додава дека изградбата на мали хидроелектрани во Националниот парк е спротивно на Бернската Конвенција.

Треба да знаете
Последни објави