Универзитетот во Оксфорд прими огромна донација наменета за нов институт кој ќе ја проучува етиката на вештачката интелигенција.
Стивен Шварцман, милијардер од САД, воедно и поранешен советник на претседателот на САД Доналд Трамп, за оваа цел донираше неверојатни 150 милиони фунти.
Оваа донација ќе биде дел од фондот наменет за факултетот за општествено-хуманистички науки.
Владата на Британија се заблагодари за донацијата на Шварцман и изјави дека оваа инвестиција е од глобално значење.
Во време кога универзитетите во Велика Британија се наоѓаат во состојба на неизвесност во врска со финансирањето поради Брегзит, оваа донација е многу значаен финансиски поттик за Окфордскиот универзитет.
Шварцман е еден од најпознатите милијардери во Америка, а поради своето бурно минато и прелуксузен живот тој често бил мета на критики од страна на јавноста.
Сепак во скоро време, финансиерот од Вол Стрит се почесто неговото богатство го донира за образовни цели и научни истражувања.
Шварцман вели дека одлучил да донира пари за Оксфорд поради тоа што вештачката интелигенција е едно од главните прашања на идните генерации.
„Моментално ниедна влада не е подготвена да се занимава со овие прашања, а и зошто би биле, ова е еден сосема поинаков вид на технологија“, вели тој.
„Тие ќе мора да се потпираат на знаењата на најпрестижните универзитети како Оксфорд, како и други институти низ светот чија експертиза е од голема помош за Окфорд“, посочи Шварцман.
Милијардерот додава дека универзитетите мора да помогнат во креирањето на етичка рамка за работа, бидејќи промените се случуваат многу брзо.